период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноПубликаОтворенаСценаВо фокусот
Спорт
Датум: 11.01.2017, 16:02

РАKОМЕТ - СВЕТСKО ПРВЕНСТВО 2017 ВО ФРАНЦИЈА (11-29 ЈАНУАРИ)

Лазаров: Без математики, можеме да се справиме и со најсилните селекции

На стартот Македонија денеска за ривал ќе го има должникот Тунис, од кој с` уште боли поразот во квалификациите за ЛОИ Рио 2016. Денешниот ривал на македонскиот тим ќе настапи без првиот голман и капитен, што може да биде голема предност за „црвено-жолтите“

Македонската ракометна репрезентација денеска (17.45 ч) почнува со настапите на Светското првенство во Франција 2017. Прв противник во групата Б на „црвено-жолтите“ им е Тунис, тим кој на нашите навивачи им остана во лош спомен откако ја победи Македонија на олимписките квалификации во Полска во април минатата година (32-26) и со тоа ги уништи надежите на нашите дека ќе настапат на ЛОИ во Рио.

Најновата вест од таборот на Тунис е дека првиот голман и капитенот на тимот Маруен Магајез нема да игра затоа што се повреди на подготовките против Црна Гора. Двајцата најважни ракометари во овој тим - пивотот Ишам Теж и бекот Ваел Жалуз - се во стандардна форма. Тие паузираа добар дел од подготовките, Жалуз поради исцрпеност, а Теж поради повреда, но изгледа тоа е минато и селекторот очекува од нив да дадат полн придонес во мечот со Македонија.

Во македонскиот тим нема повредени, а селекторот Лино Червар на ова СП ќе извади подмладен состав и ќе промовира нов стил на игра во кој ќе користи напад со седуммина и агресивна, динамична одбрана.

Првиот резултат може да го одреди патот на македонската репрезентација на овој за нив петти настап на завршниците од СП, но далеку од тоа дека поразот би значел губење на сите надежи затоа што ќе има уште четири кола да се играат, а од шесте тима во групата, првите четири одат во осмина-финалето.

- Нема да навлегуваме во прогнози и математики. Секогаш излегувало спротивното кога сме се обидувале да прогнозираме. Можеме да се справиме со секого, мислам и со најсилните репрезентации, така и ќе се однесуваме, а секој меч ќе настојуваме да победиме. Во групата Ангола е аутсајдер на хартија, но сметам дека таа може да биде понезгоден противник и од Тунис - смета капитенот Kирил Лазаров.

За Филип Миркуловски, првиот противник Тунис е голема инспирација да даде с` од себе на теренот.

- Посакувам без притисок и во добра атмосфера да ги одиграме натпреварите. Стартуваме со Тунис, наш стар должник од олимписките квалификации. Тоа е само мотив повеќе да стартуваме со победа - рече повратникот во репрезентацијата Миркуловски.

Селекторот Лино Червар вели дека знае како е најдобро да му се спротивставиме на Тунис.

- Со Тунис мораме да бидеме паметни, не смееме да играме на сила, не смееме да трошиме топки, не смееме да се наттрчуваме. Единствениот начин да го победиме е да одиграме попаметно од нив и тактички да ги добиеме. Инаку, со ова Светско првенство започнува четиригодишниот циклус, создаваме една нова репрезентација која може да го оствари сонот, Македонија да игра на олимписки игри - вели селекторот. Според него, подмладениот тим не може веднаш да гарантира резултат, но дека неговите избраници ќе дадат с` од себе на секој натпревар.

- Мило ми е што противниците н` гледаат како аутсајдери во групата заедно со Ангола. Не треба да се создава притисок врз играчите бидејќи во тимот имаме голем број дебитанти - вели Червар.

Ова е петто учество на Македонија на СП. На првото СП Египет 1999 бевме 18., на СП Хрватска 2009 бевме 11., потоа во Шпанија 2013 бевме 14. а во Kатар 2015 бевме 9.

Трет почеток на мундијалите со пресметка Македонија - Тунис

Интересно е што Македонија и Тунис досега двапати се среќавале на стартот на светските првенства. Во првото коло во 2009 во Хрватска, Македонија изгуби со 24-25, а во 2015 во Kатар „црвено-жолтите“ во првото коло победија со 33-25.

Последен пат сме играле со Тунис на олимписките квалификации лани во април и Африканците победија со 32-26. Македонија и Тунис играа и на медитеранските игри во 2013 година, меч за 7. место што нашите го изгубија со 19-35.

Група Б

Двојки за денеска, 1 коло
Словенија – Ангола (14 ч.)
Македонија – Тунис (17.45 ч.)
Шпанија – Исланд (20.45 ч.)

Распоред за другите мечеви на „црвено-жолтите“

Македонија - Ангола (сабота, 20.45)
Македонија - Словенија (понеделник, 17.45)
Македонија - Шпанија (среда, 20.45)
Македонија - Исланд (четврток, 17.45)

Зуаби: Треба да победиме

- Треба да ја победиме Македонија за да продолжиме со самодоверба на ова СП. Нашите играчи го познаваат противникот што го победивме во Гдањск на олимписките квалификации - изјави Хафед Зуаби, селекторот на Тунис пред овој меч.

Тунис има голема ракометна историја. Овој тим девет пати бил африкански шампион, а последен пат во 2012 година. Најдобар пласман на Тунис на едно СП е во 2005 година кога како домаќин се пласира на 4. место. На СП 2015 Тунис беше 13. а на СП 2013 беше 11. Тунис има 12 учества на СП, почнувајќи од 1967.

#



Останати вести
УЕФА го казни Партизан со неиграње во Европа поради финансиски долгови
Kавга меѓу играчите и раководството на Барса причина за непојавувањето во Цирих
Мундијал со 48 репрезентации е политичка, а не спортска одлука
Реал го пушта, Родригез не сака да биде најскап играч во светот
Седум години казнет со неиграње тенис поради наместен меч
Шарапова се враќа на терените во април во Штутгарт
Битолчани донесоа уште еден Бразилец
АТП ќе организира завршен турнир за млади за да се подготви за смена на генерацијата
Харден со петти трипл-дабл на последните седум меча
Салата во Битола се реновира, Пелистер во Челинџ-купот два пати гостин на Спортинг
Kлоф од МЗТ меѓу најдобрите во 17. коло од АБА-лигата

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести