период од-до
  -  
ЕкономијаЕврорамаХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноПубликаОтворенаСценаВо фокусот
Актуелно
Датум: 11.01.2017, 17:49

СМИРУВАЧKА ПРОГНОЗА ОД УХМР

Од утре затоплување, нема нов поларен бран до крајот на месецот

По еднонеделниот студ и мраз со температури и до минус 28 Целзиусови степени, од утре конечно дневните температури ќе бидат над нулата, а ваков поларен студ не се очекува да се повтори до февруари. Нов влажен бран со дожд, снег и пораст на температурата ќе ја зафати Македонија од утре попладне. Денеска изутрина ќе биде многу студено, во поголем дел од земјава под минус 15 степени, а во текот на денот претежно сончево со пораст на дневните температури, соопштија од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).

На прашањето дали вакви минусни температури може да очекуваме пак оваа зима или периодот што изминува беше најстуден, Kостадинка Арсовска, дежурен синоптичар во УХМР, појаснува:

- Уште денеска ќе биде многу студено, а потоа следува пораст на температурите. Ќе има и врнежи од снег. Но, во наредниот период нема да биде толку студено како што беше досега и минималните температури до околу 25 јануари нема да се спуштат како деновиве. До крајот на зимата не можеме да дадеме попрецизна прогноза, туку за период од околу две недели. Не располагаме со модели со кои би можеле да прогнозираме подолгорочна временска прогнозa.

Минималните температури денеска ќе се движат од минус 20 степени до минус 9 степени, во Скопје ќе биде минус 18 степени, како вчера изутрина, а дневните веќе ќе бидат во пораст и на повеќе места ќе изнесуваат од минус 4 до 5 степени над нулата. Од сабота се очекуваат позитивни температури во речиси целата земја.

Утре ќе дува и умерен ветер од јужен правец, а максималните температури секаде ќе бидат позитивни. Kон крајот на денот и в сабота на повисоките места и на планините ќе има врнежи од снег, а на пониските места и дожд и снег. Пообилни врнежите ќе бидат во западните делови, каде што ќе дојде до зголемување на снежната покривка. Долж Повардарието и во јужните делови на пониските места ќе има намалување на снежната покривка.

В недела ќе има преодно стабилизирање, а од понеделник ќе преовладува променливо облачно време со повремени врнежи од снег со променлив интензитет. Дневната температура ќе биде околу нулата, прогнозираат од УХМР.

РСБСП: По замрзнати тротоари пешаците да не се движат со рацете в џеб

Движете се по тротоарот секогаш кога е можно, а ако не е, користете го крајниот лев раб од коловозот и следете ги возилата што ви доаѓаат од спротивната страна, советуваат од Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата (РСБСП).

- Не бркајте го зеленото светло за пешаци или автобусот, избегнувајте да носите торби и други предмети што ја нарушуваат вашата рамнотежа, никогаш не движете се со рацете во џеб, секогаш преминувајте ја улицата на пешачки премин. Преминувањето надвор од пешачкиот премин е крајно опасно, особено во услови на намалена видливост и тоа сериозно може да влијае на вашата безбедност во сообраќајот - се дел од советите за пешаците што ги изготви РСБСП.

Целта е нивно безбедно движење во зимски услови, на снег, мраз и минусни температури.

- Настојувајте секое движење да ви е внимателно испланирано и не ризикувајте со изборот на „скратен пат“. Пред да се решите да стапнете на улицата, имајте предвид дека на возилата им е потребно повеќе време да запрат и сопирачкиот пат е подолг од вообичаено. Не преминувајте ја улицата додека не сте сигурни дека возилата што се движат по коловозот ве забележале и се во состојба безбедно да го запрат своето возило - препорачуваат од РСБСП.

Велешани спасија премрзната 80-годишна старица

Осумдесетгодишната Милка Kлимкарова од месноста Дворови, во центарот на Велес, била спасена од премрзнување во нејзиниот студен дом. Старицата веднаш била однесена во велешката општа болница на интерното одделение, со смрзнатици на нозете и прегладнета.

Kако што соопштија од Општина Велес, кои ја спасиле старицата, Милка живеела сама во својот дом, иако имала внуци, кои повремено доаѓале. Таа сама си купувала храна или одела во народната кујна, но деновиве не можела да излезе од дома поради големиот студ и ниските температури. За нејзината состојба, соседите ја известиле полицијата, а тие локалната власт.

Синоќа по полноќ во нејзиниот дом пристигнале претставници на Општина Велес и градоначалникот Славчо Чадиев, кои замрзнатата старица итно ја однеле во болница.

Лекарите веднаш ~ дале медицинска помош и старицата е во стабилна состојба. С` уште е во болница на закрепнување од големите длабоки рани на нозете од замрзнувањата.

- За состојбата со старицата беа известени надлежните од Центарот за социјална работа, кои по нејзиното пуштање од болница треба некаде да ја згрижат, бидејќи таа не е бездомник и има дом, но за неа нема кој да се грижи. Помош најавија и од општинскиот Црвен крст - појаснува Орце Николовски од општина Велес.

(Љ.Б.)

#



Останати вести
На македонските аеродроми лани минале 1,8 милион патници
Исклучениот далновод од Грција нема да ја остави Македонија без струја
Сибирската зима ги окова чамците во Дојранското Езеро
Сонував среќен животот со семејството

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести