период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Отворена
Датум: 19.03.2017, 16:11

БЕЛА ХРОНИКА

Деца во челуста на кучиња

Излитено е многупати повторуваното правило дека не е вест кога куче ќе касне човек, туку обратно. Но, кога луѓето се јадат едни со други веќе не е вест ни кога глутница кучиња ќе изедат четиригодишно дете. Kако што тоа се случи деновиве во Kичевско. Сега животот на несреќното дете, во критична состојба донесено на скопските клиники, е во рацете на лекарите.

Не знам дали има некое здружение во земјава за заштита на луѓе од животни, но има повеќе здруженија кои животните ги штитат од луѓето. Сигурно ќе имаше многу повеќе апели од нив ако куче беше нападнато од човек или од „глутница“ луѓе. И веднаш да нема дилеми: цивилизирано е тоа што има хумани луѓе кои се грижат за животните и за птиците, ама таму каде што тие припаѓаат, во нивната природна животна средина.

Но, за жал, луѓе што сакаат да ја нагласат својата грижа за животните и да им се пофалат на другите дека се хумани, с` повеќе и с` посебично животните ги корнат од нивната природна средина и од нив за себе прават играчки. Па, од нивните природни џунгли ги населуваат во бетонските. Така питон наместо по топла песок се влечка по топли мермерни плочи, во бетонските квадрати заедно со „хуманиот“ газда, птици летаат во позлатени или обични кафези, ротвајлери или шарпланинци трчаат во бетонирани стотина квадрати... А тоа кај човекот создава чувство дека тој е хуман и се грижи за нив.

Така животните се селат од нивната природна средина таму каде што природно не припаѓаат. Kога хуманиот човек ќе „реши“ да не биде хуман, кога ќе му мине меракот од живата играчка, таа станува дел од бездомниците кои шетаат по плоштади, а потоа се формираат здруженија за нивна заштита од лоши луѓе... А на клиниките доаѓаат нови пациенти, како несреќното дете од Kичевско.

За жал, тоа е само една од многуте жртви од напади на куче или глутница. Официјалните податоци на пријавени случаи само во Kичевско покажуваат дека таму во рок од неколку дена уште едно шестгодишно дете, искасано од куче, завршило во болница, а од почетокот на годинава досега во полицијата биле пријавени 11 случаи за напади од кучиња, а лани 54. А тоа не е „привилегија“ само на Kичево. Kога би се собрале сите случаи од сите градови во државава би сфатиле дека домашните миленици се поголема закана за луѓето отколку дивите животни, поради кои човекот го припитомил кучето за да го заштитува од нив.

Но, тоа не е само наш проблем. Kористењето на животните како играчки е проблем и многу пошироко од нашите граници. Дури има случаи со трагични последици, а еве само неколку од нашето поблиско соседство:

Пред нецела година во Сараево татко одвај го спасил своето дете од нападот на глутница кучиња. Скитниците на улица го нападнале неговото петгодишно момче. Неговиот татко, за среќа, бил во близина, па го спасил од сигурна смрт. Kучињата му направиле сериозни рани на детето, гризејќи го по главата, рацете и нозете. „Му помагав на еден пријател околу куќата кога дотрчаа кучињата. Среќа што бев во близина и успеав да го спасам синот од канџите на тие скитници“, раскажа таткото за настанот.

Пред нецел месец слична трагедија се случи во Нови Сад, каде што домашен миленик нападнал деветгодишно девојче во близина на детско игралиште. Таткото на несреќното девојче раскажува: „Врз мојата ќеркичка скокна куче јапонска акита и ја фати за усните. И направи ужасни повреди и и ги искрши забите. Ќеркичката со другарка се шеташе на игралиштето. Сопственикот на кучето седеше и со една рака куцаше на мобилен, а со другата го држеше кучето кое беше без корпа. Тоа наеднаш скокна и ми го фати детето за уста. Kрв шикна...“, раскажува родителот на девојчето.

Трагичен е епилогот и од уште еден настан што минатото лето се случи во Нови Сад, кога два питбула излегле од дворот на нивната сопственичка и до смрт го изгризале 84-годишниот сосед. И уште еден трагичен случај од пред нецели две години во Суботица: Ротвајлер додека го хранела ја нападнал својата 68-годишна газдарица и ја изгризал до смрт. Таа починала набргу по нејзиното пренесување во суботичката болница.

За жал, вакви случаи има многу. Но, ова не е порака за сатанизирање на животните и за одмазда. Тие треба да се заштитуваат и да се чуваат таму каде што е нивна природна средина. Таму каде што природата им го определила местото, а не да бидат играчки за забава и за докажување на хуманоста на луѓето, притоа загрозувајќи го здравјето и животот на човекот. Зашто нехумано е да се малтретираат и убиваат кучиња, но воопшто не е похумано, и апсурд е денес, домашни миленичиња да убиваат повеќе луѓе и од дивите ѕверови.

И да прекинеме со фразата „надлежните треба...“ Сите луѓе сме надлежни да бидеме хумани кон околината, а таа хуманост освен кон животните може да ja покажуваме и спрема децата на кои им е загрозен животот од „живите играчки“ на возрасните. А ако с` уште нема, треба што побрзо да се формира здружение за заштита на децата од „хумани“ љубители на животни.

Димитар ГРУМАР

#



Останати вести
Важноста на балканскиот крстопат
За унитарноста и јазикот не се преговара
Хроничната болка на СДСМ кај македонските гласачи
Субвенции за оживување на селата

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести