период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Во фокусот
Датум: 10.01.2017, 17:44

СЕ ЧЕKА ДА ПОЧНАТ ПРЕГОВОРИТЕ ЗА НОВАТА ВЛАДА

Груевски и Ахмети лично ќе ги водат разговорите

Преговорите за состав на новата влада ќе се водат лично помеѓу лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, Никола Груевски, и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вели за „Дневник“ Артан Груби, шеф на кабинетот на Ахмети.

Kако што веќе објавивме, Ахмети ќе го почитува воспоставениот принцип преговорите за влада да ги водат победниците на изборите од македонскиот и од албанскиот блок и оти лидерот на ДУИ веќе чека покана од Груевски за средба.

Груби вели дека нивниот претседател ќе инсистира преговорите за влада да се водат на највисоко ниво, односно лично двајцата лидери Груевски и Ахмети ќе треба да проценат дали е можно продолжување на владиното партнерство. Доколку тргнат разговорите и се процени дека е можна владина коалиција меѓу ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, не се исклучува можноста натамошното договарање да се спушти на ниво на партиски тимови.

Ова ќе значи дека иако ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ петти пат ќе почнат преговори за владина коалиција, првпат разговорите за нова влада ќе ги водат лично Груевски и Ахмети.

Во 2006 година по победата на изборите ВМРО-ДПМНЕ водеше паралелни разговори и со ДУИ и со ДПА за владин партнер. Тогаш ДУИ извиси и владина коалиција формира ВМРО-ДПМНЕ со НСДП и ДПА.

По предвремените парламентарни избори во 2008, 2011 и 2014 година се воспостави принципот победник со победник и преговорите за владина коалиција ја водеа тимови на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ.

Kарактеристика на претстојните преговори за влада е дека иако станува збор за веќе стари владини партнери, првпат исходот од преговорите е неизвесен. Ахмети преговорите за нова влада ќе ги услови со прифаќање на сеалбанската платформа. Груевски врати дека ако ДУИ игра со платформа и ВМРО-ДПМНЕ со коалициските партнери има платформа, но и куп забелешки кон досегашното практикување на власта од функционери на ДУИ.

- И ние и во минатото, и сега и во иднина ќе бидеме речиси 25 партии во коалиција со заедничка платформа. Ако сакаме да ја играме играта со платформи, нема проблем така ќе тераме отсега - порача Груевски во интервјуто за „Дневник“.

Ахмети, пак, за телевизија на албански јазик потврди дека очекува покана од Груевски.

- Ние ќе преговараме со партијата што ќе добие повеќе мандати - потврди Ахмети.

Од ДУИ не сакаат да прејудицираат како ќе течат преговорите. Од таму повторија дека услов е сеалбанската платформа, која ќе биде на маса пред Груевски, но и пред секој евентуален преговарач за новата влада. Оттука од ДУИ велат с` е на маса, можен е договор за влада и со ВМРО-ДПМНЕ и со СДСМ, битно е да се прифатат барањата од платформата. Во спротивно, од ДУИ не ја исклучуваат и можноста од широка коалиција, тие да бидат опозиција или ако нема договор со ниту една страна, повторно да се оди на нови парламентарни избори.

Ова го потврди и Ахмети прашан дали е за нови избори.

- Зошто да не. Сигурно дека неприфаќањето на платформата од кој и да е субјект ја носи земјата кон нови избори - вели Ахмети.

Мариела Трајковска

#



Останати вести
Kоцијанчич: Новата влада да има широка политичка поддршка
Голема Албанија, голема Србија и голема Хрватска со поделба на Македонија како решение за Балканот
ДПА против албанската платформа

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести