период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Online Вести
Датум: 11.01.2017, 12:43

НАРИЈАНА, ДИМИТРИ И ДЕНИС ОД ЈАKУТСK ЗА „ДНЕВНИK“

Kога кај нас би било минус 7 како во Скопје, би шетале по кратки ракави

Во градот живеат околу 400 илјади луѓе и на педесетина степени под нулата улиците се чисти и проодни како да е пролет, децата одат во градинка, училиштата работат, луѓето одат пеш до продавница или кај соседите на гости - вели младата Наријана Сабарајакина, асистентка во компанија за мобилна комуникација. Kога разговаравме со неа, вчера попладне, во Јакутск, кој е осум часа понапред од Скопје, температурата изнесуваше -44 степени

- Родена сум и живеам во Јакутск. Јакутија е најстуденото место на Земјата, каде што температурата достигнува и до -72 Целзиусови степени. Оваа зима најниската температура достигна до -50 степени. Во моментов на улица е - 44 Целзиусови степени и да, тоа е студено, но денес немаше магла, а ветувањата на метеоролозите се дека на крајот од неделата ќе затопли и температурата ќе достигне до -30 Целзиусови. Целото население во Јакутија е многу среќно и на овие температури може да одат и да се прошетаат на тобоганот од мраз. Зимата почнува кон крајот на октомври, тогаш паѓа и првиот снег, и ќе трае до март. Зимата трае 6 месеци. Точно е дека на вакви места мора добро да се внимава на облеката, па сите ние што живееме тука мора да носиме панталони и палта од памук, имаме специјални чизми од топло крзно, кои можат да издржат студ до 50 под нулата. На работа одам пеш, куќата ми е оддалечена од компанијата само 15 минути пешачење - вели Наријана.


Наријана вели дека Јакутск е мал град (веројатно според руски стандарди, иако тврди дека градот има 400.000 жители), но има с` што треба за модерен живот.

- Имаме училишта, гимназии, детски градинки, кои се отворени и кога температурата е -50 степени. Тоа е нормално. Имаме толку многу ресторани, кафулиња и голема љубов кон јапонската кујна, суши. Но, јадеме повеќе месо, телешко, месо од млад коњ, дури и месо од мечка, но многу ретко. Вотката не е за нас, ние пиеме чај. Носиме јакни што имаат 80 отсто пердуви од канадска гуска. Топли панталони со памучна вата и пријатни чизми од крзно. Е тогаш може да преживееме - додава убавата млада девојка со коси очи.

Таа вели дека сите улици се чисти како во пролет, нема сообраќаен метеж и покрај за нас, Македонците, невозможните минус 50 степени.

- И автомобилите и автобусите се во движење. Сепак, има и такви што не ризикуваат да се возат со автомобил на толку студено време. Други воопшто не купуваат автомобил оти тој носи многу трошоци како, на пример, топла гаража, бензин и зимски гуми. Во Јакутск се живее многу скапо - вели Наријана.

Таа додава дека имаат и лето, кое топло и суво, некогаш температурата достигнува плус 30 степени.

- Имаме градската плажа, понекогаш се случува целиот град да се разладува во вечерните часови. Летото трае 3 месеци, а потоа, по само 2 месеца есен, повторно зима - додава таа.

Димитри Аргунов, новинар во локалната телевизија, вели дека има стан во градот и куќа на периферијата.

- Станот е загреан со централниот систем, а куќата има сопствено греење, имам и автомобил, но не е да се остава на отворено. Во секој случај, како и да се загреваат по дома, луѓето овде за да ја преживеат зимата, мора да носат јакна што ја викаме парка, која иако е од пердуви од канадска гуска, е руски бренд. Обувките ни се традиционални од еленска кожа, капите од крзно, ракавици... и, се разбира, јадења од месо, месо и само месо. Вклучувајќи и замрзнато коњско месо и риба. Додека надвор е минус 50, кај мене дома е плус 27. Тука, во Јакутск работат многу луѓе од јужните земји, на пример, од Таџикистан, и немаат проблем со студеното време. Луѓето се флексибилни, за која било состојба. На минус 44 степени функционираат сите социјални и услуги за одржување на градот. Денес очекуваме температура од минус 50 и сончево време. Мој совет е два слоја за облекување, прво на кожата памук, а потоа вообичаена облека за зима. Нозете се најважни, само топли обувки - вели Димитри.

И Денис Терентев вели дека ако во Јакутск температурата е минус 7 како во Скопје, тоа за нив значи пролет. На таква температура, според него, најверојатно ќе има луѓе и со куси ракави.

- Минус 40 за нас не е многу ниска температура, децата одат на училиште и во градинките, возиме автомобили и автобуси, некои одат и пеш. Иако многумина мислат дека се грееме со вотка, грешат. Ние не пиеме вотка, секако дека постојат луѓе пијаници, но тие се малку, оти на вакво време од вотка може човек и да умре. Најважни работи за преживување се редовни оброци од супи, пици, хамбургери, месо, кнедли. Да, и облеката треба да е многу квалитетна. За некој да биде сигурен дека има топли чевли, ќе мора да си купи чизми од кожа од ирвас, тие чинат од 500 до 1000 долари, ама многу топлат. На температура од минус 30 степени работи и аеродромот, па нема проблем - вели Денис и додава дека без да си купиме чизми од кожа од ирвас, да не одиме кај нив на гости. Kако успеваат да заштедат 500 долари за чизми, не успеавме да го прашаме.

Мариjа Тасев

#



Останати вести
Груевски и Ахмети лично ќе ги водат разговорите
Голема Албанија, голема Србија и голема Хрватска со поделба на Македонија како решение за Балканот
Kоцијанчич: Новата влада да има широка политичка поддршка
Ќе преговараме прво со ВМРО-ДПМНЕ, но има и опција за нови избори
Од петок мало затоплување и обилни врнежи од снег
Груевски со поддршка од коалициските партнери

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести