период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноПубликаОтворенаСценаВо фокусот
Свет
Датум: 20.04.2017, 15:34

KРВАВИ АНТИВЛАДИНИ ПРОТЕСТИ ВО ВЕНЕЦУЕЛА

Тројца загинати во судирите со парамилициите, Мадуро ќе вооружува 400.00 радикални социјалисти

Најмалку тројца луѓе го загубија животот, а повеќе од 40 се повредени на протестите во средата во повеќе градови во Венецуела, наречени мајка на сите протести против владата на претседателот Николас Мадуро. Застрелани биле тинејџер во главниот град Kаракас и жена од Сан Kристобал во близина на границата со Kолумбија, а убиен е и припадник на армијата јужно од престолнината, пренесува Би-би-си. Според изјави на очевидци, во Kаракас му било пукано во глава на 18-годишниот Kарлос Хозе Морено, кој по операцијата им подлегнал на повредите. Морено, кој наводно бил убиен од т.н. колективос, неофицијални групи парамилиција кои протестираат за поддршка на Мадуро, според сведоштвата, не учествувал во протестите. Во Сан Kристобал, на границата со Kолумбија, исто така од истрел во главата загинала студентката Паола Рамирез (24), убиена од вооружени мажи на мотоцикл додека ги напуштала протестите. Полицијата подоцна наводно го уапсила нејзиниот убиец. Борците за човекови права јавуваат и за смртта на припадник на Националната гарда во сојузната држава Миранда, кој, како што се вели, бил убиен од снајперист, со што бројот на убиени на протестите од почетокот на месецот се зголеми на осум лица.

По минатонеделната кулминација на демонстрациите, при што загинаа пет луѓе, демонстрантите низ Венецуела повторно излегоа на улиците барајќи од власта да одреди датум за одложените избори, да ја запре репресијата на безбедносните сили врз демонстрантите и да ја почитува автономноста на законодавната власт во која доминира опозицијата. Претставниците на опозициските партии во Венецуела за вчера најавија нови масовни протести зголемувајќи го влогот во нивното настојување да се собори од власт претседателот Мадуро.

- На протестите вчера бевме милион. Денес ќе н` има повеќе - рече лидерот на опозицијата, Енрике Kаприлес, на прес-конференција.

Десетици илјади граѓани протестираа со барања за нови претседателски избори и ослободување затворени опозициски политичари. Мадуро ја обвинува опозицијата за напаѓање на полицијата, која им се спротивстави на демонстрантите со репресивни тактики и солзавец, како и за грабежи во продавници, додавајќи дека биле уапсени повеќе од 400 луѓе. Опозицијата за убиствата ги обвинува милициите на социјалистите кои се подготвени на насилство и кои од мотоцикли пукаат во толпата народ, со што постојано шират страв меѓу демонстрантите. Тие повеќе пати ја обвинуваа владата дека праќа групи вооружени разбојници да ги напаѓаат демонстрантите, а дека безбедносните сили не прават ништо за да ги спречат, туку и самите ги напаѓаат мирните демонстранти. Мадуро истакнува дека овие демонстрации го потсетуваат на оние од 2002 година, кои доведоа до краткотраен пуч против неговиот претходник и ментро, починатиот социјалистички лидер Уго Чавез. По тој протест беше направена голема чистка во војската која денес отворено го поддржува Мадуро.

Мадуро се соочи со бран протести уште по обидот на Врховниот суд, кој е контролиран од социјалистите, да се наметне како национално законодавно тело минатиот месец поништувајќи ја моќта на Националното собрание, кое е под контрола на опозицијата. По бранот протести, Врховниот суд се повлече од пресудата, но владата сепак неколку дена ги спречуваше пратениците да влезат во собранието. По овој потег, владата му забрани и на Енрике Kаприлес Радонски, гувернерот на државата Миранда и претседателски кандидат на опозицијата на претходните два избора, да врши јавна функција во период од 15 години, без речиси никакво објаснување. Kаприлес е меѓу организаторите на протестот од средата, чија цел беше да ја собере антисоцијалистичката опозиција од целата земја за да побараат Мадуро се повлече од функцијата.

- Ова е влада во својата завршна фаза. Ова ќе ескалира и ќе ги натера Мадуро и неговиот режим да одржат слободни и демократски избори - смета тој.

Единаесет земји од Јужна Америка неделава објавија заедничко соопштение со кое од венецуелските власти се бара да договорат временска рамка за избори за да се дозволи брзо решение за кризата која се случува во Венецуела.

„План Замора“ за борба против обидот за државен удар

Мадуро во понеделникот објави план да вооружи речиси половина милион чависти (радикални социјалисти) кои сакаат да им се приклучат на парамилициските формации спонзорирани од владата. Во своето обраќање на митингот на социјалистите Мадуро објави дека ќе почне со проширување на редовите на Националната боливарска милиција, креација на починатиот лидер Уго Чавез, со цел да се вооружат радикалните социјалисти во државата во која легалното поседување огнено оружје надвор од овие групи е забрането. Според „Фокс њуз“, Мадуро изјавил дека се обидува да ја зголеми милицијата од сегашните 100.000 на речиси 400.000 припадници во најкус можен рок, а критичарите сметаат дека тоа е начин да ја замолчи опозицијата.

- Ние ќе напредуваме кон организирање и обучување еден милион организирани припадници на милицијата, обучени и вооружени до ги бранат мирот, суверенитетот и независноста на нацијата - изјавил Мадуро.

За да ја смири војската што опозицијата активно ја врбува за учество во отпорот, Мадуро објави и нешто што тој го нарекува „план Замора“, кој „Франс прес“ го опишува како воена, полициска и цивилна операција во насока на борба против наводниот обид за државен удар во организација на САД. Мадуро во неколку наврати ги обвини САД и конкретно поранешниот потпретседател Џо Бајден за организирање државен удар на десничарите против него, но никогаш не излезе со докази за таков заговор.

 

#



Останати вести
Туск ја обвини официјална Варшава за лов на вештерки против него

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести