период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Актуелно
Датум: 19.05.2017, 18:17

ШТО ОТKРИВААТ ТЕСТИРАЊАТА ЗА УПИС ВО ПРВО ОДДЕЛЕНИЕ

Идните првачиња зборуваат англиски, пишуваат, а не знаат да читаат

Сите деца што досега биле на тестирање за упис во прво одделение без исклучок одлично се служеле со англискиот јазик, дури на некои од нив полесна им била конверзацијата на англиски отколку на мајчиниот, вели педагошкиот тим од Основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје.

Тие додаваат дека многу често се случува детето да ги познава сите бои и бројки на англиски јазик, а на македонски да му се сосема непознати зборови.

- Иако најголемиот број деца доаѓаат на тестирање со полни 5 години и некој месец, тие изгледаат многу позрело отколку нивните врсници пред десетина години. Ги владеат командите и на многу сложени ИТ-уреди, па очекувавме да имаат познавања и од овој странски јазик, но не бевме подготвени на тоа дека македонскиот речиси не го познаваат. На пример пред некој ден имавме момче кое кога му рековме да ни го подаде моливчето со сина боја, н` гледаше збунето. Но, кога мајката дофрли на англиски „блу“ тоа веднаш точно го зеде бараниот молив. Имавме девојче, кое на тестирањето говореше совршено руски јазик. Kога ги прашавме родителите колку време престојувале во Русија, тие ни рекоа дека никогаш не биле во таа земја, туку нивната ќерка научила да зборува гледајќи го цртаниот филм „Маша и Медо“. Исто така како интересна појава е тоа што речиси сите на 5 години знаат да пишуваат, но не знаат да читаат. Изгледаат многу позависни од родителите отколку нивните врсници што доаѓале на тестирање пред десетина години. Сега ни се случува за секое одговорено прашање да го погледне родителот со страв или одобрување дека одговорот му е пожелен, велат од педагошката служба на училиштето.

Директорката во ОУ „Лазо Ангеловски“ Милка Тримчевска ни вели дека децата немаат трема од тестирањето.

- Мој впечаток е дека децата за ова тестирање се подготвени како за настап на сцена. Тие имаат цели театарски мигови. Голем дел од нив глумат, рецитираат како со тестирањето да почнува еден голем натпревар. Најчестото прашање на девојчињата, кои повеќето се облечени во фустани како принцези, е дали ќе може со лакирани нокти да одат на училиште, а момчињата прашуваат дали е вистина дека наместо кошула, ќе мора да носат униформа. Чудно, зар не?

Психологот во училиштето, Аделина Давидковска, вели дека тестирањето е, всушност, еден разговор, преку кој ги запознаваат децата, а најважниот одговор за нивната емоционална состојба го дознаваат од цртежите што ги цртаат, а се дел од тестирањето.

- Има многу интересни цртежи од децата. Точно преку нив се гледа и нивната емотивна зрелост. Мој впечаток е дека најголемиот број деца се позрели од своите врсници од пред неколку години. Ми оставија впечаток неколку цртежи. На едниот девојче, кое имаше само 5 години и три месеци, се нацрта себе во еден здив, но со замижано едно око, како да кокетира со мене. Потоа имаше еден многу убав цртеж, кога едно момче си го нацрта своето поблиско и подалечно семејство, околу 12 лица. Сите насмеани како се држат за раце, а под нив секој си има своја куќа. Тоа зборува дека момчето е дел од големо и сложно семејство, што е реткост. Многу од децата рецитираат, кажуваат поезии, тие специјално се подготвувале за ова тестирање, делумно зад ова стојат амбициозни родители, делумно воспитачите од градинките ги подготвуваат - вели Давидковска

Директорката на училиштето Тримчевска вели дека идните првачиња се деца на 21 век, кои и покрај раната возраст, немаат никаква развојна пречка да седнат во клупа.

- Во последните години идните првачиња пристигнуваат со значителна подготовка без оглед дали посетувале предучилишна установа или се растени во домашна средина. Развојот на техниката и технологијата е паралелен чекор со идните генерации. Пред години, кога се поаѓаше во прво одделение на седумгодишна возраст или, подобро кажано, повеќе години наназад идните првачиња беа без особена претходна подготовка и речиси сите вештини и почетни знаења ги стекнуваа во училишните клупи. Особено се креативни и исклучително социјализирани. На шега многупати знам да се обратам кон некое детенце ,,тебе директно во второ одделение да те запишеме“. Фасцинираат идните ученици со својата проникливост и остроумност - вели Тримчевска.



#



Останати вести
Солана се смееше кога му реков принципот 20 проценти да се примени во Латвија и Естонија
Новиот клинички центар со хелиодром ќе биде готов за 45 месеци
Албанија доби свој пржински договор
Матурантите танцуваа кадрил и се заколнаа на ненасилство

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
браво, 20.05.2017 08:27:07
Браво за нашите генијалци индивидуалци. Првотонешто со што ќе се судрат во училиштето е дека не се центар на светот и дека и другите се исти како нив ии и подобри. Децата не се подготвени за ваква конкуренција и најчесто се случува да не им се допаѓа училиштето.
Најнови вести