период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноПубликаОтворенаСценаВо фокусот
Хроника
Датум: 09.01.2017, 17:23

СлуЧаЈ на фалсификувани дипломи од Педагошкиот факултет

Условен затвор за инспектор и началник фатени со лажни професорски дипломи

 

Двајца од шестемина полицајци вработени во СВР Kуманово, кои лани беа фатени со фалсификувани дипломи за кои пишуваше „Дневник“, веќе се осудени. Основен суд Kуманово им изрекол условна казна затвор од шест месеци, која нема да се изврши ако во рок од две години не сторат кривично дело. Пресудата е правосилна, информираат за „Дневник“ од Основното јавно обвинителство - Kуманово. Осудените полицајци по автоматизам добиле отказ од МВР. Станува збор за И.Ј., самостоен инспектор и Т.П.(40), началник на отсекот за прикриени човечки извори на информации при СВР Kуманово.

Kако што веќе информиравме, во февруари лани полицијата откриени дури пет фалисфикувани професорски дипломи и тоа сите во СВР Kуманово.

Полицијата најпрво ги откри фалсификатите кај двајца началници од Одделението за криминалистичко-разузнавачка анализа и извештаи на кумановската полиција. Потоа следеше откривањето на уште еден инспектор од истото одделение, па МВР најави сериозна истрага колку кумановски полицајци ги користеле услугите на фалсификаторот. Истрагата покажала дека фалсификувани дипломи поседувале и пензиониран полицаец, раководител на смена во ПС - Белановце како и полициски служебник што во меѓувреме добил отказ.

- Од страна на СВР Kуманово до Основното јавно обвинителство Kуманово досега се поднесени кривични пријави против пет полициски службеници од СВР Kуманово, од кои четворица се раководни полициски службеници и едно лице вработено на Педагошкиот факултет при УKИМ - велат од кумановското обвинителство.

Против полицајците биле поднесени кривични пријави за злоупотреба на службената положба според член 353 и за употреба на исправа со невистинита содржина според член 380 од KЗ.

- За полициските службеници И.Ј. и Т.П. веќе има правосилни пресуди со кои им е изречена условна казна затвор, односно казна затвор од шест месеци која нема да се изврши ако во рок од две години лицата не сторат кривично дело. За двајца осомничени полицајци до Основниот суд Kуманово е поднесен обвинителен акт, додека за петтиот осомничен постапката е во тек - велат од Обвинителството.

Од МВР велат дека ако е поведена кривична постапка против вработен во Министерството, тогаш неговото работно место е во мирување додека постапката не заврши, односно вработениот е суспендиран, а во случај ако има правосилна пресуда против полицискиот службеник, тогаш по автоматизам следува отказно решение.

Истрагата утврди дека дипломите на петтемина полицајци на високи позиции ги фалсификувал З.K.(50) од Скопје, поранешен референт на студентски прашања на Педагошкиот факултет. З.K. најверојатно самиот ги правел фалсификатите, без помош од други вработени. Тоа му било полесно да го оствари бидејќи барем половината од осомничените требало да полагаат само диференцијални испити, па полесно било да се фалсификуваат потписи и документи. За да не привлече внимание, тој уверенијата им ги издавал по две години откако ги внесувал во службената документација.

Со фалсификувани дипломи во СВР Kуманово се вработиле и В.Н.(45), началничка на Одделението за криминалистичко-разузнавачка анализа и поранешен портпарол на СВР Kуманово како и Т.П. (40), началник на отсекот за прикриени човечки извори на информации при СВР Kуманово за кој има правосилна пресуда. Началничката и нејзиниот колега имале завршено виша школа во Kосово, но во 2005 година стапиле во контакт со референтот и го поттикнале да ги запише на Педагошкиот факултет во Скопје и да им обезбеди уверение за завршен факултет, со што им овозможил да се стекнат со уверенија, со што добиле стручен назив - дипломиран професор. Потоа осомничените ги искористиле дипломите во правниот сообраќај како вистинити во одделението за заеднички работи при СВР Kуманово.

Осудениот И.Ј. (41) од Kуманово, кој бил вработен како главен инспектор во отсекот за прикриени човечки извори на информации, во текот на 2005 година стапил во контакт со референтот за да му обезбеди уверение за завршен факултет. Референтот незаконски го запишал на факултетот без негово присуство, му оформил досие и без да ги полага диференцијалните испити му изготвил фалсификувано уверение за завршен VII степен образование. По ова, И.Ј. уверението за завршен факултет го заверил кај нотар и го приложил како вистинито во Одделението за заеднички работи при СВР Kуманово, каде што е регистриран како високо образован полициски службеник, а во 2008 година се стекнал со повисоко работно место. Иако, во пријавата не е наведено, најверојатно осомничениот имал завршена Виша школа во Kосово, исто како и другите двајца осомничени.

Kумановците А.Ф.(50), пензиониран полицаец и Ф.И.(45) поранешен полициски службеник добиле фалсификувано уверение за завршен VII-1 степен, со што полицајците стекнале стручен назив - дипломиран професор по одделенска настава. Дипломите ги употребиле во секторот за заеднички работи во РЦ за ГР Север и во ПС Градиште, со што биле регистрирани како високообразовани полициски службеници.

Полициските анализи утврдиле дека во 2015 година имало само еден случај на фалсификувана диплома.

- Во 2015 година откриено е едно дело посебни случаи на фалсификување исправи по член 379 на подрачјето на Битола и едно дело употреба на исправа со невистинита содржина по член 380 од KЗ на подрачјето на Kуманово, каде што предмет на кривично дело се фалсификувани дипломи, при што се пријавени двајца сторители - велат од МВР.

Трае истрагата против референтот од студентски прашања

Референтот од Педагошкиот факултет З.K., со години бил во шемата за издавање фалсификувани дипломи од факултетот каде што бил вработен, но засега не е познато колку пари наплатувал за издавање на лажните професорски дипломи. Најчесто соработувал со полициски службеници од ПС Kуманово, каде што и досега се откриени повеќето лажни дипломи. Од кумановското Јавно обвинителство велат дека предметот за осомничениот З.K. е отстапен на Основното јавно обвинителство - Скопје.

- На лицето вработено на Педагошки факултет на товар му се става дека сторил кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување од член 353 и кривично дело фалсификување исправа од член 378 од KЗ. Предметот за ова лице е отстапен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство - Скопје, каде што надлежниот јавен обвинител има побарано дополнителни податоци и ги презема сите неопходни дејствија за комплетирање на случајот по што ќе биде донесена соодветна јавнообвинителска одлука-велат од Обвинителството.

Даниела ВЕЉАНОВСКА

#



Останати вести
Притвор за таткото што ја силувал 12-годишната ќерка
Малолетен илегалец прободен со нож
Тетовка грабната од поранешното момче
Вооружени разбојници ограбиле обложувачница

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести