период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
ONLINE Актуелно
Датум: 20.04.2017, 11:44

Kори Али Мухамад од омраза уби Четири лица

Убиецот од Фресно мразел белци и мислел дека е во војна

Тројца белци беа убиени, а еден ранет кога Афроамериканецот Kори Али Мухамад отвори оган во градот Фресно во американската сојузна држава Kалифорнија. Според известувањата, Мухамад ги мразел белците и мислел дека во САД има војна меѓу белците и црнците. Шефот на полицијата, Џери Дајер, изјави дека напаѓачот Kори Али Мухамад пукал 16 пати во 90 секунди во вторникот и при апсењето извикал „Алаху акбер“, но Дајер верува дека ова не е терористички напад, туку напад од омраза, пренесе Би-би-си. Мухамад, кој има 39 години, е баран и за убиство на чувар на мотел во градот, извршено минатата недела. Тој на социјалните мрежи посочил дека ги мрази белците и изразил антивладини ставови, истакнаа од полицијата. Сите четворица убиени се белци, а еден од нив бил застрелан додека седел во автомобил.

- Тој сакал да убие колку што е можно повеќе луѓе и тргнал тоа да го направи. Ова беше чин на насилство. Ова беа неиспровоцирани напади од лице што сакаше денес да изврши убиства - истакна Дајер.

Тој додаде дека нападот од вторникот не е поврзан со тероризам и покрај изјавите што ги дал напаѓачот. Пукањето започнало околу 10 часот и 45 минути по локално време, а сведоците истакнаа дека напаѓачот носел голем пиштол кој го наполнил неколку пати додека пукал. Напаѓачот тогаш пукал во возило и убил патник. Возачот на автомобилот избегал и ја повикал полицијата. Мухамад продолжил да оди по улицата и да пука во невини луѓе. Втората жртва ја застрелал на тротоарот и третата на паркинг, а потоа пристигнала полицијата.

Таткото на Мухамад, Винсент Тејлор, за „Лос Анџелес тајмс“ изјави дека син му верувал дека е дел од војна меѓу белците и црнците и дека ќе има битка. Тејлор истакнал дека се надева оти фаќањето на син му ќе спречи идно крвопролевање.

- Среќен сум што го уапсија. Се надевам дека што и да каже Kори пред полицијата, ќе го сфатат сериозно и ќе почнат да истражуваат - истакна таткото.

Мухамад, кој бил познат под прекарот Црниот Исус, сега се соочува со обвиненија за убиство и две обвиненија за обид за убиство. „Фресно Би“ пренесе дека полицијата нашла патрони, кои посочуваат дека бил користен револвер, но полицијата не успеала да го најде оружјето.

„Инфо ворс“ пренесе дека убиецот на „Фејсбук“ пишувал дека Стив Банон, поранешниот шеф на порталот „Брејтбарт“ и сегашен главен стратег во Белата куќа, е бел ѓавол. На Мухамад му се допаѓале медиуми како МСНБЦ, Си-ен-ен, му се допаѓал лидерот на организацијата „Блек лајвс метр“, Шон Kинг, и други левичарски и групи за социјална правда. Во една снимка Мухамад ветува дека ќе донесе уништување и омраза за Америка и белите ѓаволи. Мухамад исто така ја поздравил поддршката на БЛМ за убиецот на полицаецот од Далас. Полицијата не верува дека Мухамад соработувал со некого во врска со нападот и истакна дека тој е индивидуалец полн со омраза и бес. Ова убиство најверојатно ќе ги актуализира дебатите за контрола на оружјето во САД. Секоја година во САД се убиени повеќе од 30.000 лица од насилство со оружје.

Не му е прв престап

Мухамад и во минатото имал проблеми со полицијата, пренесува „Лос Анџелес тајмс“. Тој во февруари 2005 година бил обвинет за поседување кокаин и намера да го разнесе, како и за поседување огнено оружје. Федерален судија одлучил дека тој ментално не е способен да му се суди, но во август 2006 година било одлучено дека е способен и тој се изјаснил за виновен. Мухамад отслужил 92 месеци казна затвор, покажуваат судските досиеја.

#



Останати вести
Вучиќ: Изразувањето на лични желби не придонесува за добри односи
Извршната директорка на Централниот регистар на хартии од вредност поднесе оставка
ММФ ја намали прогнозата на економски раст од 3,5 на 3,2 % за годинава
Заев се сретна со амбасадорите на Германија, Британија, Холандија, Шведска и Ирска

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести