период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноПубликаОтворенаСценаВо фокусот
Online Вести
Датум: 10.01.2017, 14:46

ПАЦИЕНТИ СО ПОСЛЕДИЦИ ОД ПОЛАРНИОТ СТУД

Скопјанец измрзнал чистејќи снег, 105 лица добиле фрактури

На 50-годишен скопјанец му смрзнале прстите на десната рака додека вчера претпладне го чистел снегот и мразот пред влезот на зградата во која живее и околу својот автомобил.

Иако тој бил добро облечен, рацете не ги заштитил доволно и таа, навидум мала негрижа, сега може многу скапо да го чини - лекарите велат дека с` уште не се знае дали тој ќе куртули од ампутација на прстите.

Овој пациент вчера напладне бил хоспитализиран во Градската хируршка клиника „Св. Наум Охридски“ во Скопје, каде што деновиве има навалица од граѓани кои добиле скршеници паѓајќи по замрзнатите скали, улици и тротоари.

- Ова е првиот пациент со смрзнатини кој откако почна студот е примен кај нас на лекување. Човекот е на околу 50-годишна возраст и излегол со лопата, но со голи раце, да чисти снег пред влезот и околу својот автомобил, а бидејќи не ги заштитил соодветно рацете, еве дијагностицирани му се смрзнатини на 4-те прста на раката, без палецот. Веднаш почнавме да го третираме со постепено загревање на прстите и според сознанијата, засега овој пациент не е за ампутација. Ова е препорака до сите граѓани да чистат снег со соодветна заштита на нозете и на рацете, носење топла облека, а рацете никако не смеат да бидат голи, без ракавици, токму заради опасноста од смрзнатини, кои на ваков студ може да настапат за покусо време - предупредува д-р Јасминка Чабуковска, директорка на клиниката.

Откако смрзнаа скопските улици во оваа установа за овие неколку дена биле примени 105 граѓани со скршеници или исчанчувања на зглобовите.

- Досега имаме хоспитализирано осуммина пациенти кои се потешки случаи. Претежно лицата кои се јавуваат заради скршеници се постари од 45 години, но има и 10-ина деца. При падот на мразот граѓаните најчесто кршат подлактници, поретко колкови, а има и со исчанчени зглобови на ногата. Најчесто се паѓа излегувајќи пред зграда или куќа - додава Чабуковска.

Лекарите од Ургентниот центар во ГОБ „8 Септември“ во Скопје велат дека граѓаните претежно ги почитувале препораките од надлежните, па таму, за среќа, деновиве не бил зголемен, повеќе од вообичаеното, бројот на пациенти со скршеници.

- За четири дена, од 5 до 8 јануари, имавме 70 прегледи на ортопедија од кои 19 биле фрактури, што не е воопшто многу. Најчесто страдаат екстремитетите - раце, нозе, но има и по некој скршен колк. За среќа, не е драматично зголемен бројот на скршеници, иако надвор е замрзнато, обично и во нормален ден, кога нема мраз, имаме по толкав број приеми на ортопедија. Добро е што граѓаните се чуваат, а остануваат препораките за заштита - вели д-р Влатко Алексов, интернист и раководител на Ургентниот центар.

Љубица Балабан

#



Останати вести
СДСМ: Сe додека не ја добиеме официјално, не коментираме ништо
Ахмети чека покана од мандатарот Груевски за разговори за нова влада

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести