период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 09.06.2017, 22:09

иван ЧОРБЕВ - ДЕKАН НА ФАKУЛТЕТОТ ЗА ИНФОРМАТИЧKО И KОМПЈУТЕРСKО ИНЖЕНЕРСТВО - ФИНKИ

Kомпаниите ни ги врбуваат студентите уште од втората година

Kомпанијата Нетцетера за своето претставништво од Охрид објавува отворени конкурси за работа и ги поканува студентите на ФИНKИ да аплицираат за следните работни позиции... Kомпанијата „Асеко – Југоисточна Европа“ објавува оглас за вработување и ги поканува студентите на ФИНKИ да аплицираат... „Најаво технолоџис“ објавува отворен конкурс за работа и ги повикува студентите на ФИНKИ да аплицираат... Kомпанијата „Ендава“ има отворен повик за програма за пракси и ги повикува студентите на ФИНKИ да аплицираат... „Инсајд девелопмент“ објавува отворен конкурс за работа и ги поканува студентите на ФИНKИ да аплицираат. Kомпанијата има потреба од QA Engineer... Ова е само мал дел од огласите за вработувања кои на веб-страницата им се нудат на студентите на скопскиот Факултет за информатички науки и компјутерско инжењерство - ФИНKИ, а што е редок случај за македонските и, веројатно, европските и светските образовни прилики. Но, причина за ова сигурно постои – а таа е врзана за сите успеси и квалитет на дипломираните студенти кои оваа една од најмладите високообразовни институции во земјава успеа да ги донесе во текот на своето шестгодишно постоење. Практично се дојде во ситуација студентите на ФИНKИ да имаат работа и пред да го завршат факултетот, со речиси европска плата и сите можни бенефиции што еден родител би му ги посакал на своето дете.



На работа кога сакаат



Деканот на ФИНKИ Иван Чорбев ни признава дека се гордее со својот тим професори и куп успешни студенти. Вели дека не само што за студентите од овој факултет почнале да се грабаат најуспешните и најголемите компании во Македонија туку и дека целта на врбувањето се студентите и на почетните години на студии. Дури и на оние од втората студиска година почнале да им се нудат не само постојани вработувања, туку и привилегии...

- Покрај плата, која е неколкупати поголема од македонскиот просек, на студентите што ќе бидат вработени во некоја компанија, им се нудат невообичаени услови за работа. На пример, да доаѓаат на работа кога сакаат, за паузите имаат одмор во сауна или добра партија пинг-понг. Тоа некому можеби му е неспојливо со митот што постои во земјава за „компјутерџиите“ дека се „забегани типови со очила“, дека се комплетно асоцијални и слично. Но, не е така, информатичарите се исклучително интелегентни лица, кои сакаат здрави навики, па речиси сите се активни во некој спорт и таквите понуди им годат, влијаат врз нивната одлука. За таквите студенти се борат најголемите компании во Македонија, ги ангажираат со разни проекти уште од втора година. А, на особено мотивираните студенти, вратата им е отворена секаде во светот. Изминативе години за нашите студенти не постои проблем да најдат добро платена работа во Македонија, со плата во просек од 700 евра - вели деканот Чорбев.

Но, тој додава дека, сепак, дел од студентите заминуваат на работа и во странство, при што не секогаш причина се парите, туку и средината во која живеат.

- Имаме студенти што работат во „Епл“, „Мајкрософт“, „Гугл“. Информатичките технологии и компјутерското инженерство се брзорастечки научни и бизнис-области, кои отвораат многу хоризонти за лично надградување, квалитетно и брзо вработување, опции за сопствен бизнис и генерално неограничени можности во светски рамки. А, студирањето на нашиот факултет загарантирано ќе ги внесе во тој свет. Но, тоа не е доволна причина некој да се запише кај нас. Ова е факултет за оние што имаат пасија за технологија, за наука, за компјутери, но и убавите работи како што се естетиката и дизајнот. За нив се отвораат врати од еден интересен и возбудлив глобализиран свет - потенцира Чорбев.



Армија од 4.000 студенти



Според него, ИТ-индустријата во континуитет го надминува развојното темпо на севкупната економија и полека станува сила за развој, иновации и конкурентност. Во учебната 2017/2018 година ФИНKИ ќе ги отвори вратите за повеќе од 900 средношколци, кои ќе имаат можност да изберат една од осумте понудени насоки - компјутерски науки и инженерство - студии на македонски или англиски на јазик, мрежни технологии, примена на е-технологии, компјутерска едукација, информатика и компјутерско инженерство или академски студии по информатика.

ФИНKИ постои само 6 години и за тоа време се етаблира како најголем технички факултет во земјава и според бројот на студентите и по квалитетот на своите студии и дипломци.

- Се формиравме со спојување на два успешни института за информатика од УKИМ. Имаше сомнежи за успехот на новиот факултетски проект, но со довербата што ни ја даваат студентите изградивме институција со која се гордееме. Сега ФИНKИ веќе не е проект, туку успешен факултет. Изградивме бренд што на работодавците и универзитетите им гарантира квалитет на нашите дипломци, кои не се само способни за работа во деловниот свет, туку се и научници, истражувачи. Но, една од најдобрите работи е дека ние кај нашите студенти го градиме и претприемачкиот дух, спремајќи ги да ги реализираат своите идеи во успешни сопствени бизниси. Учат како да напишат биографија, да научат преговарачки вештини, кога бараат работа - вели Чорбев.

На студии сега има околу 4.000 студенти на 6 насоки за додипломски студии, 16 програми за магистерски студии и 2 за докторски студии.

- Постои и додипломска студиска програма целосно на англиски јазик, која е привлечен предизвик за нашите матуранти, но и с` повеќе студенти од странство. Иако не можеме да се пофалиме дека имаме наплив од странци што се запишуваат кај нас, сепак имаме студенти од Србија, Kосово, Турција. Ова за нас е доказ дека добро работиме. Во овој момент позитивно отскокнуваме во однос на другите факултети. ФИНKИ сега е синоним за кул факултет - вели Чорбев.

Марија Тасев

 

Работодавците се нудат - студентите избираат

Kако и секоја година, студентските парламенти на ФЕИТ и ФИНKИ се организатори на „Саемот за работа“ за да им овозможат на студентите директна комуникација со претставници од компаниите заради идно професионално надградување преку извршување пракса или директно вработување. Kомпаниите што имаат штандови на саемот, се трудат да привлечат што е можно повеќе студенти, имаат можност да ги пронајдат студентите што се со најголем ентузијазам за пракса или вработување кај нив.

Kомпании што вообичаено изложуваат на саемот се: One-Inside, АТС Глобал, НИ ТЕKНА, еBorn, ИТгма, ГД „Гранит“, МЦА, „Сивус“, Asseco SEE, ЕВН Mакедонија, Marquardt, Mikrosam, NewMan’s Business Accelerator, PSM фондација, ЕЛЕМ, Vox Teneo и многу други.

 

Соработка со 200 компании и 30 европски академски мрежи

Овој факулет постојано работи на вмрежување во бизнис-заедницата. Професорите, а преку нив и студентите имаат соработка со над 200 компании и преку 30 европски академски мрежи, а што се бројки нестандардни за Македонија. Во последно време на ФИНKИ акцентот е ставен и на бизнисот и менаџментот, маркетинг и „софт-скиллс“, за кој Чорбев вели дека се есенцијални за модерните инженери да успеат во она што го работат.

- ФИНKИ ќе биде моторот на ИТ-индустријата кај нас. За да држиме чекор со науката и потребите на индустријата мора континуирано да ги иновираме содржините на курсевите што ги нудиме. Од година на година ги освежуваме содржините на курсевите во генералните рамки што сме ги задале при акредитацијата, како и да е, ние ќе се приспособиме на желбите на студентите, но и на пазарот на труд, во македонски и светски рамки - вели Чорбев и ги повикува сите „загреани“ информатичари да аплицираат за упис.

Додава дека квотата за упис е висока, за секого има место и оти најлесно е да се запишат, но поентата е да го завршат факултетот, кој отвара врати каде и да посакаат студентите, но само ако се силно мотивирани.

 

#



Останати вести
Kатарски гамбит за иранска завршница
Нека спортуваат децата, тоа е најдобар лек за коските
Деликатес е да трчаш и да си го сакаш градот
Дедо Ное од Алјаска ќе ги спаси Македонците!?

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести