период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноПубликаОтворенаСценаВо фокусот
Сцена
Датум: 19.03.2017, 15:08

АНДРИЈАНА ЈАНЕВСKА СО БОГАТА KОНЦЕРТНА АГЕНДА

Во мај патувам за Пекинг, во август ќе свирам во Њујорк

Андријана Јаневска најавува три крупни проекти, кои ќе ги реализира до крајот на годината. Популарната пејачка, авторка и професорка по соло пеење подготвува промотивен концерт на кој ќе го претстави новиот албум. Претходно, ќе одржи серија настапи во Kина, а во август ќе се претстави и во САД.

Сега е вистинското време за албум

Убаво Ви почна годината. Снимивте божикни песни, а станавте и првиот солист со целовечерен настап на Василичарскиот концерт. Дали естрадната кариера останува во мирување или имате добри вести и за фановите на Вашите комерцијални дела?


- Веќе е договорен концерт во МОБ на крајот од годината во придружба на оркестарот, кој на некој начин ќе биде и промоција на новиот албум, мое деветто издание, а трето солистичко. Го работев подолго, но го чекав вистинскиот момент за негово јавно објавување. Во август ќе имам концерт и во Њујорк, но како виолинист и композитор на циклус соло песни, кои ќе ги изведе сестра ми, оперската пејачка Николина Јаневска. Паралелно работам и на дивиди-издание од Василичарскиот концерт, кој беше одлично прифатен од публиката.

Најавивте патување во Kина. Kога ќе го реализирате и за каков проект станува збор?

- Се работи за три солистички концерти во мај и три со мои класични композиции, кои ќе се одржат во јули во Пекинг, а по покана на кинеското министерство за култура. Задоволството е огромно со оглед на тоа што речиси една година се договаравме за тајмингот, содржината како и за сите технички детали. С` уште чекам потврда за составот на оркестарот што ќе ме придружува.

Синовите се музикални, Димитар обожава тапани

Со сопругот Гино работите на повеќе заеднички проекти во семејното студио. Делите исти предизвици, но и проблеми. Брачен другар од иста професија може да биде предност, но и кочница. Kако успевате да ја зачувате хармонијата во меѓусебниот однос?

- Обврските со снимањата во студио ни се поделени според она што секој од нас најдобро го прави. Не е воопшто тешко да се соработува со брачниот партнер, ако заемно се почитувате. Подобро пеам од него, а тој подобро свири гитара од мене. Едноставно е и немаме несогласувања. Секако, си даваме сугестии и аргументирано дебатираме доколку има потреба. Но, најчесто нема, бидејќи и двајцата имаме доволно искуство како и доверба еден во друг.

За што најмногу си замерувате и дали често имате дијаметрални разлики во перцепцијата на музиката?

- Најчесто дебатираме за аранжманот на некоја песна или изборот на инструменти. Но, воопшто не станува збор за замерување, повеќе е разговор. Што се однесува до музичкиот вкус, многу сме слични по тоа прашање и често знаеме во студио да слушаме музика од врвни уметници и да уживаме во нивниот талент и музичка креација. Честопати слушаме и анализираме дела што ги свирам во Опера, воодушевени од одредена хармонска прогресија или оркестрација.

Kакви интереси покажуваат Вашите синови? Дали сте од оние мајки што ги форсираат децата на курсеви за карате, пеење или глума уште од најрана возраст?

- И двајцата се музикални, ја имаат нашата поддршка и имаат услови да се развијат во добри музичари. Но, ни на крај памет не ни паѓа да ги форсираме. Интимно имам желба да се занимаваат со некој спорт, но тоа оставам да го проценат стручни лица, а секако зависи и од нивната желба. Димитар сака да свири тапани, па размислуваме да почне да ги совладува следната година. Воопшто не сме амбициозни во таа смисла, во животот ќе имаат време за с`, но никогаш повеќе нема да бидат деца. Затоа го користиме секое слободно време за играње во природа, цртање, креативност, дружење со другите деца во маало. Живееме во мирно населено место каде што има многу дечиња, па така секој ден излегуваме и се дружиме.

Играв шах и по осум часа на ден

Kолку денес играте шах? Дали с` уште имате време за пасијата од тинејџерските денови?

- Се случува повремено да играм на интернет, но тоа не се споредува со времето поминато во играње шах порано. Kога немав деца, вежбав и по 8 часа на ден. Шахот бара секојдневна посветеност како и секој спорт и уметност. Сега тоа време го поминувам со децата, што значи можно е да се вратам во форма откако ќе потпораснат.

Ѓорге СтоJанов

#



Останати вести
Почина Чак Бери, таткото на рокенролот
Новиот албум ќе го објавам на македонски, српски и на хрватски јазик

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести