период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
ONLINE Најнови Вести
Датум: 12.06.2017, 11:57

ПИЕМЕ ПИВО РЕЧИСИ KОЛKУ МЛЕKО

Еден Македонец лани испил 11 литри млеко, 9 литри пиво и 24 литри газиран сок

Македонците не се многу по алкохолот. Повеќе сакаат млеко, речиси подеднакво уживаат и во пиво, но најмногу од с` сакаат да пијат газирани сокови и јогурт. Секако, во македонските домаќинства многу се троши и кафе, а во последно време с` повеќе и чај. Се пие и вино, но во умерени количества, а од жестоките пијалаци најмногу се троши ракија. Други „обоени“ пијалоци ретко или речиси воопшто. Дали поради цената, или поради вкусот, не е познато.

Податоците на Државниот завод за статистика за минатата година покажуваат дека еден член на домаќинство лани испил во просек 11 литри млеко, 13 литри јогурт и 9 литри пиво. Едно домаќинство, пак, потрошило 43 литри млеко, 35 литри пиво, но и повеќе од 50 литри јогурт.

Земјоделските семејства поголеми пивопијци

Сепак, нашите граѓани, се чини, „се дават“ во сокови и на безалкохолните пијалаци им даваат предност пред алкохолот. И тоа на газираните. Така, едно семејство годишно трошело во просек дури 87,9 литри безалкохолен газиран пијалак. Односно, по член на домаќинството биле испиени по 23,9 литри газирана напивка. Но, македонските домаќинства во текот на 2016 потрошиле и по речиси 70 литри минерална вода, како и 20,2 литри кашест овошен сок.

Во Македонија многу се пие и кафе. Статистиката покажува дека минатата година едно просечно семејство потрошило 8,3 килограми кафе, половина килограм какао, 0,4 килограми инстант-кафе, како и 1,6 килограм чај. Вино било испиено речиси 7 литри, додека од жестоките пијалоци, најмногу се пиело природна ракија и тоа 2,6 литра, вотка 0,2 и шток 0,1 литри, Македонците, се чини, воопшто не пијат ликер.

Поделено по видот на домаќинства нема разлика меѓу приоритетите пијалак во земјоделските и во неземјоделските домаќинства. И едните и другите најмногу пијат безалкохолни газирани напивки. Земјоделските семејства во текот на минатата година испиле во просек по 129 литри газирани пијалаци, плус 46,6 литри минерална вода и 15 литри кашест овошен сок. Неземјоделските домаќинства, пак, испиле 80 литри газирани сокови, 70 литри минерална вода и 20 литри кашест сок. Но, потрошиле и 94 литри тетрапак млеко и 54 литри јогурт, за разлика од земјоделските семејства каде што биле испиени 82 литра млеко, 45 литри тетрапак млеко и 20 литри јогурт.

Во земјоделските семејства се потрошиле и речиси 9 килограми кафе, еден килограм чај и 0,4 килограми какао. Овие домаќинства, судејќи по статистичките податоци најмногу сакаат да пијат пиво, па лани испиле дури 74 литри пиво, а само 1,3 литар вино. Земјоделците лани испиле и 1,8 литар ракија, додека воопшто не консумирале друг жесток пијалак.

Едно неземјоделско домаќинство во 2016 година потрошило 8,2 килограми кафе, 1,6 килограм чај и по речиси половина килограм какао и инстант-кафе. Вино се испило 6,3, а пиво 30 литри. Природна ракија се испило 2,7 литра, вотка 0,3 и шток 0,1 литри.

Многу пари се трошат за кафе

Мерено по член на домаќинство, минатогодишниот просекот во едно земјоделско семејство изнесувал испиени 2,2 килограма кафе и 0,3 килограми чај по човек. Затоа, пак, еден член во земјоделско домаќинство лани испил просечно 32 литра газиран сок, 11,6 литри минерална вода, повеќе од 18 литри пиво, а помалку од литар, поточно 300 грама вино и 400 грама ракија.

Неземјоделските семејства имаат речиси идентичен вкус за пијалаци, но има разлика во испиеното количество. Така, еден член на едно вакво домаќинство лани испил во просек 2,3 килограма кафе и 0,4 килограми чај. Истовремено се испиле и 22,5 литра газиран сок и 16 литри минерална вода. Но, во неземјоделските семејства се пиело повеќе алкохол. Поточно, еден член на вакво семејство испил помалку од 2 литра вино и по 8,3 литри пиво, но и 0,7 литри ракија и само 100 грама вотка.

Статистиката покажува дека едно домаќинство во Македонија лани најмногу пари потрошило за млеко и млечни производи. Но, ако се гледа стриктно за пијалаци, тогаш најмногу се дало за безалкохолни пијалаци и тоа во просек над 9.000 денари, потоа за кафе, чај и какао – 4.142 денара, додека за алкохол лани биле потрошени 3.200 денари. Постои разлика во потрошените пари меѓу земјоделските и неземјоделските домаќинства. Така, во текот на 2016 година едно земјоделско семејство трошело во просек по речиси 9.000 денари за безалкохолни пијалаци, речиси исто колку и едно неземјоделско семејство. Но, земјоделските домаќинства дале повеќе пари за алкохол – 5.350 денари, а помалку за кафе и чај – 3.700 денари. Во неземјоделските семејства состојбата била обратна. Kај нив повеќе пари се потрошиле за кафе и чај, нешто над 4.000 денари, додека за алкохолни пијалаци само 3.300 денари.

БилЈана Ангеловска

#



Останати вести
Почина првиот Бетмен
Само изборите и формирањето на владата не се доволни да се добие препораката
Пропелер од претстави во "Кино култура"
Андре Силва пристигна во Милан за 38 милиони евра
Во Шведска отворен Музејот на промашувањата
Изложба на корици „Прошетка низ Европа“
Бензините поевтинуваат за 1,5, а дизелот за 2,5 денари
Во Скопје ограбени триесетина возила во подземна гаража
(ВИДЕО) Кој е подобар Џејмс Бонд?
Атина под притисок за прием на Македонија во НАТО
Осуден напаѓачот на Сандра Булок
"Фајненшел тајмс“ се коригираше за промената на името
Тајната на нацистичкиот гроб среде непроодната бразилска џунгла
Скопјанец фалсификувал од лични карти до судски уверенија
Македонија ќе го добие првиот фестивал на книжевност за деца
Привремените работници не може да земаат надоместок поради листата за стаж што ја кочи ПИОМ
Пандев: Игравме колку што ни дозволија Шпанците

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести