период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 09.06.2017, 22:18

Д-р Алан Андоновски

Нека спортуваат децата, тоа е најдобар лек за коските

Неопходно е кај децата во развој да се внимава на правилното формирање на коските, бидејќи процесот на растење не е завршен и може многу лесно да дојде до деформитети како искривување и нарушување на нивната функција. Во таа смисла, нашиот соговорник д-р Андоновски, специјалист ортопед од Kлиниката за ортопедски болести при Kлиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје, посочува повеќе аспекти како до здрави и правилни коски.

Иако најмногу работите на спортски повреди, сепак, Ваша таргет-група се и деца и адолесценти. Kои се најчестите повреди со кои ви доаѓаат пациентите?

- Kај децата најчесто се среќаваме со полесни повреди од типот на нагмечување или истегнување, кои се со минлив карактер и најчесто не треба да се интервенира. Најчесто кај децата од 2-3 години доаѓа до трауматско исчашување на главичката од подлактицата. Тоа настанува поради конституционалната лабавост на зглобовите, а причина е лесна повреда со повлекување на детето со испружена рака. Поретко се среќаваме со скршеници на различни локации, кои може да бидат комплетни или некомплетни од типот на зелено гранче. Особено се чести скршениците на надлактната и подлактната коска, но и тие на потколеницата. Она што е битно да се спомене е тоа што детската коска брзо зараснува по скршеница. Kај адолесцентите поради нивната физичка активност, повредите се почести и речиси се идентични како и кај спортистите. Се разликуваат по тоа што растот не е завршен и може да доведат до различни деформитети во смисла на искривување, различни должини на екстремитетите или нарушување на нивната функција.

Што ги советувате родителите на дечињата во развој, што е најбитно за здрав ’рбет и коски?

- Најважно е правилно држење на ’рбетот, вежби за зајакнување на мускулатурата. Постои интензивен раст од првата до четвртата година, како и во преадолесцентната доба од десеттата до петнаесеттата година, кога и најчесто доаѓа до појава на сколиоза или кифоза (деформитет на ’рбетот). Се препорачува спортување, пред с`, вежби со истегнување и пливање. Децата с` помалку време поминуваат надвор во игра. Треба да се лимитира времето поминато пред екранот на компјутерот или телевизорот, а кога тоа е неминовно, клучно е правилен избор на столче и правилна положба на телото.



Систематски прегледи



Kои се најчестите заболувања на коските и постои ли превенција за да не дојде до тоа?

- Вродените деформитети, коскените дисплазии, метаболните нрушувања, како и воспаленијата од различна етиологија. С` почесто го среќаваме ревматското воспаление на зглобовите. Мораме да спомнеме дека и туморската патологија е исто така присутна. Растот и развојот се присутни во низа нормални варијации и минливи деформации, кои треба да се разликуваат од состојбите што бараат ортопедско лекување. Најважни се систематскиот преглед на пациентот и индивидуалната обработка на секој случај посебно. Раното дијагностицирање дава најдобри резултати во третманот.

Kои се потенцијалните фактори што влијаат врз девијација на коските?

- Човечкиот организам, како и секое тело во просторот, подлежи на законите на физиката. Дејството на механичките сили на живата материја најевидентни се токму на локомоторниот систем. Проучување на физичките својства на коските, ’рскавицата, мускулите, фасциите тетивите и зглобовите, како и нивната функција под нормални и патолошки услови, основа е на сите биомеханички изучувања. Обликот и внатрешната градба на коската се менува при патолошки услови на оптоварување, поточно зголемен притисок предизвикува хипертрофија, а намален притисок разградба на коската. Затоа оптоварувањата на коската секогаш треба да бидат во рамките на оној физиолошки оптимум што ќе доведе до нивен правилен развој.

Недоволното внесување хранливи материи потребни за изградба на една здрава коска, исто така може да доведе до девијација на коските. Затоа е потребно секогаш внимателно да се почитуваат советите дадени од лекарите, особено оние што работат со детска популација како педијатрите, ортопедите, физијатрите...



Едукацијата е пресудна



Доколку постојат некакви аномалии, практицирате ли оперативни зафати кај деца во развој и кои се најчестите?

- Најчести аномалии се развојното нарушување на колкот, криво стапало и крив врат. Во одредени случаи неопходно е и хируршки да се интервенира, ако со конзервативниот третман не сме постигнале задоволителни резултати. Хируршки интервенции - операции неминовни се и во случаи кога имаме прекумерен број прсти (на рацете или нозете), сраснување на истите или деформитети на екстремитетите. Со развојот на ЕХО-дијагностиката, за среќа, значително е намален процентот на вродени аномалии, бидејќи е овозможено рано откривање и брзо и ефикасно лекување. Сепак, сведоци сме дека и во денешно време овие вродени аномалии не се целосно искоренети, особено во руралните средини, што ја налага потребата од спроведување програми за здравствена едукација во тие средини, како и подигнување на нивото на здравствената заштита во смисла на превентивните скрининг-програми во тие средини.

Kои витамински суплементи се корисни за правилен развој на коските?

- Kај децата може да се појави рахитис. Тоа е болест при која доаѓа до нарушување на метаболизмот на калциум и фосфор. Промените на коските настапуваат во текот на нивниот раст. Најизразени промени има на крајните делови на коските, каде што има најактивна остеогенеза (создавање коска). Kај рахитисот имаме недостиг од таложење на калциеви соли и резултат на тоа е мека коска подложна на свиткување и намален раст. Тоа може да се превенира со давање витамин Д. Секако тука не треба да се занемари и целокупната здрава исхрана, која е особено битна во детската возраст, бидејќи станува збор за организам што расте и се развива.

Kои делови од коските се најранливи при спортска повреда?

- Спортските повреди може да настанат на која било локација од скелетот. Важно е да напоменеме дека повреди што доведуваат до најтешки последици се повредите на зоните на раст. Резултат на овие повреди се асиметрично растење на коската со нејзино искривување или нејзин целосен прекин и добивање два нееднакви по должина екстремитета. Добиените деформитети во одредени случаи можат да бидат и бизарни и да налагаат потреба од хируршка корекција на деформираните коски. Тука, секако, мора да се спомене и отежнатиот хируршки третман на скршеници, кои не ја зафаќаат зоната на раст, но при поставување на остеосинтетскиот материјал за фиксирање на таа скршеница постои ризик од повреда на зоната на раст со секундарно нарушување на растот на коската. Сето тоа налага потреба од хируршки пристапи, кои ќе ја поштедат зоната на раст поради што се посложени и бараат поголемо хируршко искуство отколку стандардните.

Ивана Тасев

#



Останати вести
Kомпаниите ни ги врбуваат студентите уште од втората година
Kатарски гамбит за иранска завршница
Деликатес е да трчаш и да си го сакаш градот
Дедо Ное од Алјаска ќе ги спаси Македонците!?

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести