период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
ONLINE Култура
Датум: 20.03.2017, 14:21

НАЈАВЕНО KОНЗЕРВИРАЊЕ И РЕСТАВРИРАЊЕ НА ШТИПСKАТА ТВРДИНА

Исарот конечно треба да блесне со вистинскиот сјај

Повеќегодишната желба на штипјани конечно нешто покрупно да се направи за легендарната средновековна тврдина над градот, веројатно од годинава ќе почне да се реализира. Според најавите, во септември се очекува да почнат конзерваторско-реставраторските зафати што ќе траат неколку години и во кои ќе бидат вклучени многу луѓе и стручни екипи.

Според првичните процени, проектот треба да чини 1.200.000 евра, од кои дел ќе финансира Министерството за култура, а дел од средствата се планира да бидат обезбедени од ИПА-фондовите на ЕУ, за што, како што вели директорот на штипскиот Завод за заштита на спомениците на културата и музеј, Зоран Читкушев, заедничка апликација ќе поднесат Заводот, штипската локална самоуправа и Центарот за развој на Источниот плански регион.

Потребни најмалку четири години

- Изработена е оперативна програма за конзерваторско-реставраторски работи за реконструкција на тврдината Исар, идејниот проект и статиката се готови, а во завршна фаза е изработката и на основниот проект. Очекуваме во септември да почнеме со работа. Ако сите потребни средства бидат обезбедени на време, се надеваме дека за четири години сите зафати ќе бидат завршени, а ако динамиката на обезбедување на финансиите оди побавно, реализацијата може да потрае уште две-три години. Но, најважно е квалитетно да се заврши овој многу важен и крупен проект, со кој тврдината Исар ќе блесне над Штип, слично како и Самуиловата тврдина во Охрид или Kалето во Скопје – истакнува Читкушев.

Со реконструкцијата треба да бидат опфатени сите објекти на тврдината изградена во 14 век пред доаѓањето на Османлиите, а првпат била подигната уште пред дваесетина века, од што има останато видливи траги. Ќе се работи на акрополата, ѕидините, на 11 кули, на објектите за живеење, за чување храна, резервоарите за вода, црквата, фонтаната...

Дом на обичајот четрсе

Сите тие објекти беа откриени во досегашните истражувања на тврдината, од кои последното поголемо беше пред пет-шест години. Тогаш беа откриени и јужната одбранбена и една внатрешна кула, црквата „Св. Власие“, две цистерни за вода, керамика, ретко оружје, како железни стрели и ѓулиња за катапулти со кои била бранета тврдината што се протега на површина од 16.600 квадратни метри меѓу ѕидовите.

Реконструкцијата на тврдината сигурно ќе придонесе за уште поширока афирмација на атрактивниот археолошки и историски локалитет, каде што секој 22 март се практикува повеќевековниот обичај четрсе, кој пред три години стана дел од репрезентативната листа на УНЕСKО на заштитени нематеријални добра на човештвото.

ЉупЧо Шатевски

#



Останати вести
„Авантурите на Аладин“ - премиера на Македонскиот народен театар
Скулпторот Жарко Башески со прва самостојна изложба во Словенија
Монодрамата „Господ е жив“ на сцената на Велешкиот театар

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести