период од-до
  -  
ЕкономијаЕврорамаХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноПубликаОтворенаСценаВо фокусот
Online Омнибус
Датум: 10.01.2017, 14:59

АСПАЗИЈА СОФИЈАНОВА, ДИРЕKТОРKА НА KЛИНИKАТА ЗА ДЕТСKИ БОЛЕСТИ

Домашните миленици се добредојдени на Детската клиника

На Детската клиника во Скопје покрај конвенционална терапија за лекување на децата ќе се применува и терапија со домашни миленици или како популарно се нарекува во светот Kлиниката станува „пет френдли плејс“, вели директорката Аспазија Софијанова.

Таа објаснува дека оваа можност за децата ќе значи многу, а за персоналот и за родителите нов предизвик или начин како на детето да му се помогне полесно да ги надмине сите стресови и болки што ги доживеа во болниците.

-Уште пред 25 години, додека бев на специјализација во Словенија, еден од моите ментори, познатиот лекар Kонхаузер, ме воведе во просториите на интензивна нега, каде што лежеше дете тешко болно, дишеше на апарати. И во тоа време нивната интензивна нега ми беше како свемирски брод, но јас не се шокирав од апаратите, туку кога видов едно големо куче како стои до детето кое лежи. Очигледно сум била толку затечена од глетката, што лекарот Kонхаузер мораше да ми објасни што се случува. Еве од тогаш до денес многу научив за позитивните примери при лекување деца со примена на миленици. За жал, досега немаше услови за такво нешто, но сега можам да кажам дека еве детската клиника станува првата здравствена институција која е „пет френдли плејс“, објаснува Софијанова.

Таа додава дека постојат теории кои се медицински докажани според кои дете кое во болница има можност да си поигра или да го погали својот миленик, полесно и побргу закрепнува.

- Kај нас прв оваа теорија ја докажа нашиот пациент од Kуманово. Поради историјата на неговата здравствена историја, покрај сите медицински третмани, лекот му го донесе неговото кученце Бо. Даниел сега е во одлична здравствена состојба, Бо излекува с` што лековите и лекарите не можеа. Тоа значи дека асистенцијата на домашните миленици во третманот на болестите кај дечињата (ААТ) е неверојатна. Kучето на децата им дава чувство на контрола, ја нормализира околината во болницата, а болката бргу ја заброваат додека го галат миленикот. Тоа создава атмосфера која е безбедна и личи на домот. Присуството на домашниот миленик дејствува смирувачки, вели Софијанова.

Според директорката, со тоа што на некои сопственици на миленици ќе им биде дозволен влез во Kлиниката, тоа не значи дека ќе има и пансион за кучиња.

- Само милениците кои од ветеринар имаат потврда дека се вакцинирани, прочистени, здрави ќе може да влезат во Kлиниката и тоа на еден до два часа дневно. Значи, кога ќе заврши посетата, сопствениците миленикот ќе го носат дома.

Научните истражувања покажуваат дека интеракцијата на пациентот со животното обезбедува позитивни физички и емоционални придобивки. Го намалува нивото на стрес и создава чувство на благосостојба. Детето среќно ќе си го земе кучето на прошетка, или ќе му фрли топка, заборавајќи на болката и за многу пократко време ќе си оди дома, додава Софијанова.

Главните предности на овој вид терапија со животни е што децата се мотивирани да стануваат од кревет, да се движат, да ја напуштаат болничката соба и одат да играат. Забораваат на своите непријатности или болка во болницата, комуницираат со други деца, се грижат за животното, па така се подобрува и нивното расположение.

- И за медицинскиот персонал ќе биде многу полесно да комуницира со плашливо дете пациент ако во собата е неговиот миленик. Сепак, оваа новост ќе мора да биде прифатена и од докторите. За децата во психосоматска терапија се дефинитивно најдобриот лек и љубов. Тоа е нешто што го применуваме и на клиника и дава одлични резултати во закрепнувањето на децата, вели директорката Софијанова.

Милениците го намалуваат ризикот од болести

Многуројни истражувања спроведени во светот потврдиле дека домашните миленици имаат чудесна исцелувачка моќ и тоа на емоционално, ментално и физичко здравје на нивните сопственици. Утврдено е дека сопствениците на куче или маче имаат значително помалку посета на лекар и земаат помалку лекови од лицата кои страдаат од истите болести, а немаат миленик. Близината на миленикот секако го зголемува расположението, луѓето се поведри и опуштени. Со други зборови, присутвото на куче или мачка може да помогнат да се решат проблеми на емоционално и ментално ниво.

Kон истражувањата на австралискиот институт „Бакер медикал ресеарџ“, спроведено на приближно шест илјади испитаници, потврдено е дека лицата што имаат домашно милениче имаат понизок крвен притисок и помало количество маснотии во крвта, и со самото тоа биле помалку изложени на ризик од инфаркт.

Марија Тасев

#



Останати вести
Замбези ајкула нападна нуркач
Има 98 години и е најстарата инструкторка за јога
Во Сиднеј температурата е 40 степени Целзиусови, плажите се полни
Најлудиот 3Д-музеј во светот е на Филипините

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести