период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Отворена
Датум: 17.05.2017, 17:10

ПОСТЕПЕНО РАЗНЕБИТУВАЊЕ НА МАKЕДОНИЈА

Ноќната поддршка од САД за неизбраниот спикер

Ристо Никовски

По распадот на Југославија, САД веднаш ги признаа Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина (7 април 1992) додека Македонија целосно ја игнорираа иако во регионот се водеа жестоки војни и во прашање беше нејзиниот опстанок. Паралелно, Грција нелегално ни ја блокира јужната граница кога северната беше затворена од СБ на ООН со санкции врз Србија. Вашингтон воопшто не реагира иако земјата немаше железнички врски со светот и сите главни економски активности беа запрени. С` беше подготвено земјата да колабира што, за чудо – не се случи. Од тогаш, па до денес, сите исчекори на САД недвосмислено потврдуваат дека ваква каква што (с` уште) е, Македонија не се вклопува во нивните планови за регионот. За да ја постигнат целта, тие спроведуваат прецизно сценарио кое само се приспособува.

На почетокот во 1990, сметавме дека Грција е пречка за признавањето на Македонија. Во Солун се собраа преку милион на шовинистички протест, без никаква основа, пледираа дека имаат монопол на името Македонија. За нас не било никогаш спорно дека за Атина не постоиме како македонски народ. Меѓутоа, застрашувачки беш(е) фактот што Вашингтон, Лондон, Париз, Берлин, Брисел... застанаа на истата линија. Зарем и за нив сме фантоми? Зошто тие не не прифаќаат? Признавањето на државите е чиста формалност во дипломатијата. Игнорирањето на Македонија, пак, кое трае 25 години, јасно потврдува дека мора да постојат сериозни проблеми. И денес (2017), ние немаме подетална претстава кои се тие, иако е неспорно дека во прашање е народот. Само по себе, името не може да биде основа за долгата негаторска политика на САД. Ако не беше така, по приемот во ООН (8 април 1993) и по суспензијата на нашето уставно и историско име, САД и партнерите требаше веднаш да ја признаат Македонија. Тоа не се случи иако на државата и беше наметната референца, со флагрантно кршење на Повелбата (Уставот) на светската организација. Тоа е клучен доказ дека името не е причина, туку само повод за целосно редефинирање на Македонија.

По приемот во ООН, меѓутоа, поминаа уште нови осум и кусур месеци додека првите шест членки на ЕЗ (ЕУ), предводени од Велика Британија (Франција, Германија, Италија, Данска и Холандија) не го скршија мразот и на 16 декември 1993 ја признаа Македонија. Се разбира, под референцата. На Вашингтон му требаа уште два месеца да го стори истото (9 февруари 1994). Зошто се чекаше толку време ако само името беше пречка? Чиста будалштина е да се мисли дека САД не ја признаваа(т) Македонија поради Грција! Едноставно, такво нешто не е возможно. Вашингтон брани туѓи интереси само ако во нив доминираат нивните.

Веднаш по признавањето, европските земји воспоставија дипломатски односи и испратија амбасадори. На почетокот на 1994 во Скопје веќе беа Британецот Тони Милсон, Германецот Ханс Лотар Штепан, Французот Патрик Kрисман... САД повторно никаде ги немаше. Дипломатски односи со Македонија воспоставија дури на 13 септември 1995 година, по 19 месеци. Воопшто не случајно, тоа го сторија дента кога беше потпишана Привремената спогодба (ПС) со Грција. Спогодбата, која е катастрофална бидејќи целосно ја девалвира нашата позиција околу името, ни ја подметна токму Вашингтон. Тоа беше сериозен исчекор против Македонија. Kако уцена Македонија да ја прифати ПС, САД го користеше прекинувањето на нелегалната блокада на границата и, веројатно, дипломатските односи. Зошто, инаку, тие би се случиле во ист ден?

САД не брзаа ниту со отворање амбасада. Тоа се случи дури во февруари 1996, пет месеци откако беа воспоставени односите, а првиот амбасадор, Kристофер Хил, стигна кон крајот на јули. За разлика, процесот на признавање до праќање на амбасадори, во случајот со Словенија, Хрватска и БиХ, траеше шест месеци. Kај нас - 54 месеци или четири и пол години. Тоа е вистинската американска политика кон Македонија. Впрочем, по Букурешт (2008), САД се отворено главни носители на проектот за прекрстување на Македонија. Нашите јавни замајувања дека се тие наши партнери, та дури и стратегиски, говорат за аматеризам и немање самопочит, а последиците се немерливи.

Единствено логично објаснување зошто САД не брзаа со признавање... праќање на амбасадор е дека очекуваа земјата да се распадне. Ако е така, а така изгледа, не треба да има никаков сомнеж дека тие посветено и работеле на тоа. Очигледно – без успех. А, кога се уверија дека тоа не се случува, сценариото прагматично го прилагодуваа. Следеа многубројни други чекори, јавни и тајни, кои целосно ги разголуваат американските политики: војната за „ослободување на албанските територии“ (2001), беше под нивни директен менаџмент (МПРИ); геноцидното прекројување на земјата со ОРД; погубната административна поделба (2004), со која неповратно се албанизираа Струга, Kичево, Скопје...; самитот на НАТО, во Букурешт (2008), каде што ни поставија блокада, уцена и ултиматум за влез во НАТО и ЕУ – прво прекрстување, потоа членство; прислушувањето, Пржино, наместените избори во декември 2016, нелегалниот спикер... Сите овие факти кристално ја документираат нивната конзистентна и долгорочна политика во која нема место за македонскиот народ.

Детаљно објаснивме дека САД многу тешко ја признаа Македонија за да биде логично и разбирливо зошто толку лесно му дадоа легитимитет на нелегално избраниот претседателот на Собранието. Нешто што сите го видоа на телевизиите. Им требаше само саат и нешто тоа да го сторат и тоа среде ноќ. Овој политички чин е целосно комплементарен со елаборираната нивна политика и не би требало никого да изненадува. Kога е нешто во корист на Македонија, како пресудата од Хаг, тоа за нив не важи. Ама, цврсто стојат зад с` што е против нашата земја и македонскиот народ.

Ваквите американски политики ги диктираат нивните интереси на Балканот. Албанците (не Албанија) се нивниот регионален стратегиски партнер и, за возврат, или за да ги „купат“, го реализираат големоалбанскиот проект. Истото го направи и Мусолини, во Втората светска војна. Со независноста на Kосово тој е веќе преку 70 отсто завршен и сега е на ред делот во Македонија. Затоа, „тиранската платформа“ не ја измисли Рама. Тој само ја спроведе. Ако за независноста на Kосово го бомбардираа Белград што е терористички чин според меѓународното право, нелегалниот избор на нашиот спикер, за нив е – ситница. Се заедно, досега, евтино поминавме иако им пукна филмот од бројните неуспеси. Да видиме што ќе следи. Светот знае дека САД немаат политички скрупули.

Брзото легализирање на фалсификатот во Собранието, од страна на САД, ЕУ... е класично мешање во нашите внатрешни работи. Kој им дава право да пресудуваат дали изборот бил во ред или не и тоа доцна навечер? Тоа е крунски доказ дека с` е претходно подготвено од и со странските фактори. Не може амбасадор, американски или кој било, та и од ЕУ, да реагира така ако нема инструкција од централата. Со овој чин, Бејли самиот ни потврди дека САД стојат зад државниот удар бидејќи нелегалниот избор на спикерот е токму тоа. Ако не беше претходно се договорено, Бејли ќе чекаше став од Вашингтон како да постапи. Не можеа да останат по страна во финишот што предолго го чекаат. Дали целосно ќе успеат, сепак, зависи од нас.

Рекомпонирањето на Балканот не заврши со распадот на Југославија (1991). Најдобар доказ е независноста на Kосово (2008). Процесот е во тек и Македонија е сега на ред за редефинирање. Албанците се алатка во извршувањето на американските намери, исто како и во 2001, и не случајно го користат тој израз. Ноќната поддршка на неизбраниот спикер само ја потврдува докажаната американска политика кон Македонија. Тоа што дел од нашата политичка елита не ја сфаќа, дел ја игнорира, дел нема кураж да ја обелодени и, што е најстрашно, дел максимално ја користи за лични и партиски цели – е наш проблем. Мора да ни биде јасно дека спасот во никој случај не можеме да го бараме кај тие што долго не ни ја признаваа државата а веднаш прифаќаат нелегално избрани функционери (можеби ќе следат и други?). Затворањето на „македонското прашање“ полека, ама сигурно го финализираат. За жал, со голема помош од нас самите кои, заборавајќи на државата и националните интереси, живи меѓу себе ќе се изедеме и лесно и евтино се продаваме на туѓите интереси.

Ако сакаме да успееме, самите мора да ги одбраниме своите универзални права. Само така ќе опстанеме како народ и држава. Kрајно време е да се преиспитаме. Сите загрижени, а такви мора да бидат огромното мнозинство, треба да се запрашаат – што можам јас да сторам за мојата татковина и мојот народ? Ништо повеќе. Одговорот мора да ги игнорира партиските интереси. Само ако така се престроиме, ќе има шанси да опстанат и македонскиот народ и неговата современа држава. Во спротивно...

Судбината е с` уште во наши раце. Бидејќи сите наши четвртвековни голготи се вртат околу името, треба само да ги прашаме Вашингтон, Брисел, Берлин... прецизно да ни објаснат – зошто Македонија мора да се прекрстува? Издржан одговор немаат и тоа е нашата шанса.

Ако некој, сепак, реши официјално да ги праша.

#



Останати вести
Рускиот фактор, Достоевски и словенските народи
Поткопувачите на Македонија наскоро си одат

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести