период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноПубликаОтворенаСценаВо фокусот
Отворена
Датум: 10.01.2017, 17:53

KУЛТУРНО НАСЛЕДСТВО ОД БЛИСKИОТ ИСТОK ВО ПАРИЗ

Големиот грев на денешната цивилизација

Ану-Ан, бог на небото, Енлил, бог на воздухот, Енки-Еа, бог на неправдата, Нана-Син, бог на месечината, Уту-Шамаш, бог на сонцето, Инана-Иштар, божица на љубовта и војната, Ишкур-Адад-Аду, бог на невремето... Ако продолжиме да ги редиме сите други божествени имиња родени или создадени во Месопотамија, ќе се најдеме изгубени во пантеонот на космосот. Сепак, оваа стара цивилизација, сместена меѓу реките Тигар и Еуфрат, од тука и името Месопотамија, која на старогрчки јазик значи меѓу две реки, преку илјадници пораки, запишани на печени глинени плочи, далеку, далеку пред египетските фараони и античките клишеа, ни ја раскажа големата епопеја за создавањето на светот, местото на боговите и луѓето во него.

Овој извадок е од текстот на Беренис Жофрој-Шнајтер, археолог и научник, напишан за каталогот на изложбата насловена „Вечни градови“, која беше отворена во октомври минатата година, а се затвори пред некој ден во Гранд пале, во Париз. Изложбата е поставена во две сали, во првата, која e помала, ѕидовите се покриени со црни платна или обоени во црно, во темнината се забележуват дискретни рефлектори што осветлуваат текстови во кои се раскажува трагичната историја на светското културно наследство сместено на Блискиот Исток, особено во денешниве граници на државите Сирија, Иран или Ирак.

Друг елемент од првата сала се хаотичните пресметани уништувања со експлозив на важни археолошки културни оставини. На видеопроекциите се гледа срамнувањето до земја на дваесетина археолошки локалитети, преку триста оштетени или ограбени, кои се ставени под заштита на Обединетите нации како споменици на светското културно наследство. Врв на хаосот се достигнува кога на екраните од изложбата се гледа освојувањето на Палмира во 2015 година од страна на терористите и рушењето на делови од историскиот град. Се гледаат и сцени од деструкцијата на градот мартир Алепо, на листата градови страдалници се редат имињата на градовите Басра, Омс и Сана, кои во историјата беа економски алки меѓу Ориентот и Западната цивилизација. Во еден осветлен текст се забележува: Ваквите крајно нецивилизирани дејства се дело на варвари и демони, преставници на злото и апокалиптичниот свет, кои сакаат да го прекинат културното паметење што ни го нудат археолошките градови со нивната убавина.

Во втората сала блика светлина, на четирите ѕида, низ тридимензиоални видеозаписи се раскажува растежот на творечките вредности во временски далечната Месопотамија почнувајќи од градовите Бамијан с` до трагичната сторија на денешниот град Палмир. На изложбата се поставени сите можни историски податоци, слики, гравури, снимки направени од дронови како и мноштво релјефи и скулптури од времето кога цветаше културата во Месопотамија. На едно место стои забележано, историјата почнува во Месопотамија, кога во 3200 година пред Христа почна да се употребува првпат во историјата на човекот пишаниот збор како средство за комуникација меѓу луѓето.

Силви Хубак, директор на Гранд пале, во нејзиниот текст, сместен во каталогот од изложбата забележува: Изложбата „Вечни градови“ има цел да го привлечи вниманието на широката јавност за немилосрдното уништување на археолошки градови, големата галерија облеана со видеозаписи ги става на увид важноста на светското културно богатство, истовремено и неговата кревкост. Во последните петнаесет години, археолошките градови од Блискиот Исток се изложени на неразумно уништување какво што досега се нема случено. Сместени во областите каде што често се случуваат воени конфликти, третирани како колетерални штети од бомбардирањата, во мета на талибанци и терористи на Даеш, кои практикуват пресметани уништувања, плачкосувања и продавања на вредни артефакти со кои средства се финансира тероризмот!

Со развојот на техничките помагала, терористите на Даеш, творештвото го стават во функција на пропаганда, според нив, деструкцијата на важни културни наследства е инструмент за да се добие војната во медиумите, дистрибуирајќи низ социјалните мрежи, уништувањето на светското културно богатство во живо. Во човечката историја, никогаш една цивилизација нема наштетено толку колку што нашава, ако така можеме да се наречеме - има направено гревови кон многу цивилизации кои твореле и граделе пред нас.

Жан-Лук Мартинез, извршен директор на музејот „Лувр“, во својот текст, исто посочен во каталогот од изложбата забележува: Во една средба со претседателот Франсоа Оланд, на која присуствуваше Ирина Бокова, директор на УНЕСKО и Силви Хубак, разговаравме како и на кој начин можеме да го спречиме масакрот што им се случува на многу културно-историски градови, во многу држави од светов, особено на териториите од Блискиот Исток? Дојдовме до заклучок, една изложба во која ќе се понудат вредностите на значајни археолошки локалитети, кои поседуват светско културно наследство и нивното варварско уништување, како што беше случајот со градот Мосул, каде што пред камерите вандалите со копачи и боздогани уништуваа скапоцени артефакти од асиро-вавилонската култура.

Така се роди идејата за ова изложба, ме радува што се реализира и посетеноста ќе биде голема. Така мисли првиот човек на „Лувр“, во иста насока широката јавност треба да верува, дека творештвото и културата, како и многупати досега ќе излезат како победник пред примитивизмот и варварството.

Kоле Манев

#



Останати вести
Платформи и пајакови мрежи
Историска шанса или крстопат за државата
Уставни или платформски визитарки
Едно време клучот беше фер избори
Платформа за нова 2001 година

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести