период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Актуелно
Датум: 20.03.2017, 17:53

ВИKТОР МАЗНЕВ, ВОЛОНТЕР ЗА ЗАШТИТА НА ЖИВОТНИТЕ

Вината за смртта на детето е кај сопственикот и кај тие што размножуваат кучиња без контрола

Целата вина за страшната смрт на малото момче од кичевското село Бачишта, кое почина откако беше искасано од глутница кучиња, паѓа врз сопственикот на кучињата, но и врз сите што ги размножуваат своите миленици без никаква одговорност, вели за „Дневник“ Виктор Мазнев, волонтер во Здружението за заштита на животните „Гласот на животните“ од Велес. Тој и неколкумина волонтери од овој град се грижат за 80 улични кучиња во најголемото прифатилиште во земјава. Мазнев смета дека трагичните настани во кои кучиња скитници напаѓаат луѓе и мали деца се предизвикани најмногу од непочитувањето на законот и од институциите што не водат грижа кој не го почитува Законот за животните.

- Приказната за момчето ме потресе и мене. Но, таа треба да се толкува реално, според вистината како точно се случила. Јас не тврдам дека сите кучиња талкачи не се агресивни, има и такви, се разбира. Замислете дека само една кучка за една година може да остави зад себе најмалку 50 кученца, сметајќи ги и тие што ќе ги окучат и нејзините ќерки. Тоа е огромен број незгрижени кучиња, од кои најголем дел потоа завршува на улици и стануваат опасни за луѓето - потенцира Мазнев.

Тој додава дека надлежните инспектори мора да знаат дали сопствениците им ставиле задолжителен чип на милениците, мора да се знае потеклото, но и строго да се почитува обврската сопственикот да не смее да го шета кучето без поводник.

- Сега е залудно да се зборува дека кучето е најдобар пријател на човекот. И човекот што тепа и малтретира куче има вина, оти така создава агресивно куче. И така с` се врти во круг. Kругот може да се прекине само со доследно почитување на законите предвидени за кучињата и за другите животни, а инспекциските служби засилено да водат контрола - вели Мазнев.

Сега излегува на виделина дека на подрачјето на кичевската општина има број кучиња скитници, кои често напаѓаат луѓе. Од почетокот на годинава до денеска во полициската станица во Kичево се пријавени вкупно единаесет случаи на луѓе нападнати од кучиња. Од нив, шест се случиле во градот Kичево, четири во село Бачишта и едно во село Србјани. Во текот на 2016 година пријавени се вкупно педесет и четири случаи на напад од кучиња, од кои триесет и девет се во градот Kичево и петнаесет во околните села. Надлежните од општината се жалат дека на нивната територија кришум се носат и оставаат кучиња скитници од други општини, кои потоа стануваат агресивни.

Четиригодишниот Џеваир бил нападнат од поголема група кучиња кога минувал преку нива. Kучињата биле сопственост на Ш.В. (49). кои се враќале во селото со стадо овци. Kучиња се појавиле од соседната штала. Тие биле пуштени, односно неврзани. По целосното документирање на настанот, поднесена е кривична пријава за сопственикот на кучињата.

Но, дел од јавноста не престана со обвинувањата и ги повикува на одговорност и здруженијата за заштита на животните, особено здружението „Анима мунди“. Оваа потресна информација повторно кај граѓаните отвори лути дебати на социјалните мрежи на темата кој е виновен за смртта на несреќното момче.

Организацијата „Анима мунди“ соопшти дека трајно решение за проблемот со ваквите кучиња е „мандаторната стерилизација и кастрација на домашните миленици“, која во поразвиените земји се покажува како позитивен пример за решавање на проблемот. Тие бараат поставување законска рамка што ќе казнува неодговорно сопствеништво, напуштање и неконтролирано размножување на милениците и, најважно – доследна примена на законите.

- Најголема причина за бездомни животни е човекот, кој ги размножува неконтролирано, потоа ги исфрла на улица. Сето тоа е игнорирано, поминува неказнето од страна на институциите и неминовно води до продлабочување на проблемот. Здруженијата не сакаат бездомни животни на улица, бараат со закон да се дефинира задолжителна стерилизација, формулирање законска рамка што ќе санкционира неодговорно напуштање и неконтролирано размножување на милениците, доследна примена на законите. Со децении земјава има политика на убивање на кучињата без забележителни резултати, ниту во намалувањето на нивниот број ниту во создавањето одговорни сопственици – потенцираат од организацијата.

Постои сомнеж дека кучињата имале беснило

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) вчера поведе прекршочна постапка против сопственикот на овчарските кучиња. Постапката, како што соопшти АХВ, е покрената врз основа на извршениот увид на самото место од страна на официјалниот ветеринар и овластеното ветеринарно друштво. Веднаш се преземени сите мерки пропишани со ветеринарната легислатива.

- Извршен е клинички преглед на кучињата, тие се ставени во изолација и под официјален надзор за евентуална појава на симптоми на беснило. Kучињата што ги придружувале стадото овци не биле ниту вакцинирани против таа болест ниту идентификувани со микрочип, што е задолжителна обврска за сопствениците на кучиња – информираат од АХВ.

По истекот на рокот за изолација и на официјалниот надзор, официјалниот ветеринар од Агенцијата за храна и ветеринарство, зависно од утврдената состојба, ќе ги преземе натамошните мерки утврдени со ветеринарното законодавство.

Мариjа Тасев

#



Останати вести
Оливер Спасовски не се јави на распит кај обвинителот
МВР расчистува како бил удрен „мерцедесот“ на реисот Реџепи во куќниот двор
Недоносеноста алармантно jа зголеми смртноста кај бебињата

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Prodan, 20.03.2017 22:38:48
Vinata za smrtta na deteto ... (citat). Koj i da e vinoven i kolku i da se osudi deteto nema da go vrati. No koj kako saka neka misli za mene dali gi sakam ili ne kucinjata se prasuvam zosto ne se kapravi edna dobra kafilerija za smrta da im bidi dobra na site kucinja skitnici. Pametam od damna pa ke kazam deka vo Skopje vo 50-te godini od minatiot vek ze fakaa site kucinja nadvor od dvorovite i se cuvaa 10-ina dena za stopanite da gi pobaraat. Kucinjata sto ne gi baraa se nistea (ubivaa).
Dedo Boris - Bitola, 21.03.2017 03:53:15
Kako i da e site domashni zhivotni sto ne se pod kontrola na lugeto sopstvenici ili nivni ljubiteli se potencijalna opasnost po mnogu osnovi.Zatoa nema shto da se diskutira okolu nivnoto eliminiranje od zhivotniot prostor na naselbite i poshiroko.Od prosta prichina shto posledicite netreba da se chekaat pa da se reshavaat prichinite.Bolkata za eden chovechki zhivot e pogolema od bolkata po milenichinjata nechii,shto gi ostavile vo nemilost.So iljadnici gladni po javnite kujni,nevrabotenost so nad 20%,luksuz za troshoci po milenichinja imaat najmnogu 5-6% vo Makedonija.Zatoa najracionalniot pristap kolku i da e surov e neizbezhen.Imam gledano rano nautro atak na glutnica pred detska gradinka na nemokna zhena i eve i sega pak po toj povod se javuvam od 1/4 na globusot daleku.
Ана, 21.03.2017 09:28:24
Каква е практиката на Запад? Ако најдат куче скитник, веднаш се заловува и се носи во стационар кадешто се чува 30 дена. Доколку никој е го вдоми за тоа време, се врши евтаназија. Кај нас ниту несовесните граѓани се санкционираат ако размножуваат кучиња за продажба, а потоа едноставно ги исфрлат на улица, ниту се сузбиваат борбите со кучиња. Потребно е да се издвојат повеќе средства да има стационари, задолжителна стерилизација и сл.
Ajde, 21.03.2017 09:34:04
Uste malku ke izleze deka e vinovno i deteto sto izleglo nadvor. Sakam zivotni, osobeno kucinja, ama mora da go prifatime i faktot deka nekoi od niv se agresivni. Ete, nekoi se trenirani za borba. Nekoi napagaat bez nikakva pricina, setete se na covekot sto bil celiot iskasan kaj Holidej In srede bel den pokraj mnogu minuvaci. Isto moze da mu se sluci i na nekoe dete. Na zivotnite im treba zastita, ama isto taka i lugeto treba da se zastitat. Nadleznite neka povedat malku poveke griza.
Се штитат агресивните кучиња, а што е со убивањето кротки јагниња и пилиња за исхрана?, 21.03.2017 09:44:44
Прво ќе кажам дека сум вегетаријанка 20 години, не купувам производи направени од кожа и крзно, дури не користам ни лекови во кои има состојки од животинско потекло (и при голема мака), за да не им се нанесува непотребна болка на животните. Ама мора да се направи нешто да се исчистат нашите градови од кучиња скитници, не може секој ден во Скопје на Клиника да има од еден до пет граѓани каснати од куче. На страна што воопшто не доликува на една метропола да изгледа како селско трло. Не личи ни во Охрид во центарот на градот туристите да гледаат глутници. Со свои очи гледав како напаѓаат луѓе обидувајќи се да им ја земат храната од рака или кеса. Но има и многу пострашни случаи кога е во прашање не борба за храна туку чиста агресивност, како во случајот со починатото детенце од Кичевско. Колку деца треба да починат за конечно да се погрижиме за нивната безбедност?
Jane, 21.03.2017 10:03:18
Ubavo e sto nekoj se grizi zivotnite, e sega uste nekoj da se pogrizi da gi zastiti i lugeto od niv... Vo SAD kucinjata skitnici vednas gi fakaat i gi trgaat od ulica. Kaj nas na site strani bezdomni kucinja, da ne smee covek da izleze od doma navecer.
Најнови вести