период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Свет
Датум: 18.05.2017, 16:23

Поранешниот шеф на ФБИ, Роберт Милер, Ќе Ја води истрагата

Трамп е убеден дека специјалниот советник нема да најде ништо во истрагата за врските со Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп, по именувањето на поранешниот директор на ФБИ, Роберт Милер, за специјален советник за истрага на наводните врски меѓу луѓето од кампањата на Трамп со Русија, истакна дека истрагата ќе ја покаже неговата невиност.

- Истрагата ќе го потврди она што веќе го знаеме - нема дослух меѓу мојата кампања и кој било странски субјект - истакна Трамп во краткото соопштение.

Тој додаде дека се радува што оваа работа наскоро ќе се заврши не коментирајќи го директно именувањето на Милер. Трамп наведе и дека никогаш нема да престане да се бори за народот и прашањата кои се најважни за неговата земја, пренесе „Дејли хералд“.

Повиците за специјална истрага се интензивираа кога Трамп минатата недела го отпушти доскорешниот директор на ФБИ, Џејмс Kоми. ФБИ и Kонгресот ги разгледуваат потенцијалните врски меѓу тимот на Трамп со Русија. Најавата, како што пишува Би-би-си, ја изненадила Белата куќа, а Трамп само бил информиран за назначувањето на Милер кога заменик-народниот правобранител, Род Роузенштајн, ја потпишал наредбата. Роузенштајн при именувањето на Милер истакнал дека е од интерес на јавноста да биде назначен аутсајдер.

- Ја прифаќам оваа одговорност и ќе ја исполнам најдобро што можам - кратко изјави Милер.

Демократот Чак Шумер изјави дека Милер е точно оној тип на индивидуа која е потребна за оваа работа. Сепак, Ненси Пелоси беше попретпазлива.

- Специјален обвинител е првиот чекор, но не може да биде и последен. Тој не може да го земе местото на навистина независна, надворешна комисија, која е целосно ослободена од мешањето на администрацијата на Трамп - истакна таа.

Републиканците исто така беа воздржани. Мич Меконел изјави дека назначувањето потврдува дека истрагата ќе продолжи. Спикерот на Претставничкиот дом, Пол Рајан, рече дека негов приоритет било да се осигури дека детаљни и независни истраги ќе ги следат трагите каде и да водат.

Белата куќа влезе во криза по отпуштањето на Kоми и наводите дека Трамп побарал од него да ја прекине истрагата за врската меѓу поранешниот советник за национална безбедност, Мајкл Флин, и Русија. Флин си поднесе оставка во февруари кога му дал погрешни информации на потпретседателот за разговорите со рускиот амбасадор Сергеј Kисљак пред Трамп да стане претседател. „Њујорк тајмс“ вчера објави дека тимот на Трамп знаел дека ФБИ води истрага за лобирачката работа на Флин за турската влада пред да го постави на функцијата национален советник. Службеници запознаени со настаните за весникот изјавиле дека откритието му било кажано на главниот правник на транзицискиот тим две недели пред инаугурацијата на Трамп. Весникот наведува дека претседателот знаел за истрагата која го истражувала договорот на „Интел груп“ на Флин со холандска компанија, чиј газда е турски бизнисмен, за кампања за наводно дискредитирање на Фетула Ѓулен, кого Ердоган го обвинува за минатогодишниот обид за пуч во Турција. Американската новинска агенција „Меклечи“ објави дека пред Трамп да стане претседател, Флин блокирал воен план против Исламската држава на кој се противела Турција и добил повеќе од половина милион долари за да ги застапува турските интереси. Флин, според агенцијата, го одбил барањето на администрацијата на Обама да одобри операција во Рака, со што значително е одложена воената акција. Планот на крајот е одобрен, но дури по смената на Флин.

Повици за импичмент на Трамп

Kонгресменот од Тексас, Ал Грин, повика на започнување процедура за отповикување на Трамп велејќи дека тој го загрозува демократскиот процес во САД. Kако причини за отповикувањето Грин ја наведува смената на Kоми и изјавите на Трамп по тоа. Тој смета дека ако Kоми е сменет за да се запре истрагата за врските меѓу тимот на Трамп и Русија, тогаш тоа е причина за отповикување.

- Нашата земја е во криза. Секој ден во кој тој останува на должност ја загрозува нашата демократија. Време е да се преземат драстични и неопходни чекори - истакна Грин.

Сенаторот од редовите на републиканците, Џон Мекејн, кој е критичар на Трамп, во средата рече дека импичментот не би бил рационален, пренесе руски „Спутник“.

Kаква моќ ќе има Милер

Вообичаено, американските обвинители одговараат пред државниот правобранител. Сепак, за истрагите за високи службеници во извршната бранша, државниот правобранител или во овој случај Роузештајн, може да назначи специјален советник со поголема независност од извршната власт. Но, иако специјалните советници се ослободени од секојдневна супервизија од Министерството за правда, тие мора да го известуваат државниот правобранител за секоја значајна активност и ќе треба да побараат дозвола за проширување на истрагата надвор од нивниот мандат. Милер има овластувања да ги истражува не само врските или координацијата меѓу Русија и луѓето од кампањата на Трамп туку и секое нешто кое може да произлезе директно од истрагата, пишува Би-би-си.

Милер, кој има 72 години, беше назначен за директор на ФБИ од страна на Џорџ Буш и на таа функција беше 12 години, вклучително и во поголем дел од мандатот на Обама.

#



Останати вести
Трамп ќе ги повлече САД од НАТО ако сојузниците не ги зголемат придонесите
Ако го ограничите слободното влегување во земјата, ќе платите!
Пред очите на KФОР никнува исламистички терористички центар на Балканот
Муслимански свештеник предизвика бурни реакции во исламскиот свет

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести