период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Култура
Датум: 20.03.2017, 16:28

„Авантурите на Аладин“, прв детски спектакл во МНТ

Детска авантура на повеќе нивоа, вака ја најави екипата на Македонскиот народен театар новата претстава за деца „Авантурите на Аладин“, која премиерно ќе биде изведена утревечер во 19 часот, на големата сцена. Адаптацијата, драматизацијата и режијата се на Бојан Трифуновски. Тој вели дека си го поставил основното прашање како толку познатата материја повторно да биде интересна, да се даде нешто ново.

- Го нагласивме хуморот во претставата. Ако нешто ми е омилено, тоа е колективното смеење на децата. Нема поубав звук од тоа. Првпат на големата сцена на МНТ правиме претстава за деца што ги има сите визуелни бенефиции. Претставата ќе изобилува со многу музика, и автентична и описна, со одлични оркестрирани композиции, но има и неколку кавери на светски класици, кои помагаат да се унапреди приказната. Сакам да направиме ведро и брзо темпо со кое се надеваме дека ќе го задржиме вниманието, не само на најмладите, туку и на другата публика - рече Трифуновски на вчерашната прес-конференција.

Улогата на Аладин ќе ја игра Александар Михајловски.

- Децата доаѓаат искрено. Сакаат да видат, да се одушеват. Тоа ми се случи и во „Силјан Штркот“ и тоа чувство ми е познато. Сега прераснува во нешто уште поголемо затоа што одиме на голема сцена и многу повеќе деца ќе може да доаѓаат на оваа претстава и ќе се забавуваат - вели Михајловски.

Дарја Ризова ќе ја игра принцезата Џасмин. Според неа, „Аладин“ е безвременска бајка, која и на децата и на возрасните им носи порака дека љубовта е таа што ги движи светот и нашето постоење. Сашко Kоцев, кој го игра ликот на Абаназер Велики, вели дека воведувањето претстави за деца е значајно за МНТ, зашто тие ќе ја донесат најмладата публика и ќе ја воспитаат да посетува театар. Според Дејан Пројковски, директор на МНТ, претставите за деца се заложба за нов стандард и посебна грижа, внимание и третман за најмладите. Според него, „Авантурите на Аладин“ е прв детски спектакл во МНТ.

Преостанатиот дел од екипата ја сочинуваат: Никола Ацевски (Духот од ламбата), Kамка Тоциновски (Вдовицата), Славиша Kајевски (Императорот), Драгана Левенска (Леонора) и Ненад Анѓелковиќ (принцот Леополд). Покрај нив учествуваат и деца-членови од Детското драмско студио на Магдалена Ризова-Черних. Сценографијата е на Илина Ангеловска, а костимите ги изработија Антонија Гугинска-Јорданоска и Елена Вангеловска. Kомпозитор е Џијан Емин, а кореограф Александра Kочовска-Начева.

#



Останати вести
„Плати со поезија“ во Скопје и во Велес за Светскиот ден на поезијата
Малиот Наум трета година едноподруго собира меѓународни награди за цртање

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести