период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Отворена
Датум: 11.01.2017, 17:27

НАВИГАТОР

Интервентен увоз на струја по интервентни цени

Македонија како и цела Европа ја зафати екстремно студен бран. Температури толку ниско под нулата одамна не сме имале. И освен што снегот и студот создадоа проблеми по патиштата, поради зголемена потрошувачка на струја, а во исто време дефект на третиот блок од РЕK „Битола“, се почна и со увоз на струја за потребите на домаќинствата и малите компании, кои се с` уште во категоријата на потрошувачи што се под регулиран режим. „Електрани на Македонија“ (ЕЛЕМ) имаа пех токму кога од Регулаторната комисија за енергетика (РKЕ) ја добија обврската во текот на годинава да се грижат за увоз на струја, која ќе фали за оваа категорија на потрошувачи, да мора веднаш да почнат со увоз. Имено, лани, а и претходните години увозот на електрична енергија за тарифните потрошувачи го правеше „ЕВН Македонија“. Меѓутоа, РKЕ процени дека со промената ќе се овозможи производителот на електрична енергија подобро да го планира производството, со што ќе се намалат вкупните трошоци, ќе се зголеми ефикасноста и ќе можат да се штедат расположливите ресурси, а што с` заедно може да доведе и до намалување на цената на електрична енергија за тарифните и малите потрошувачи.

Меѓутоа, дојде до дефект на еден од блоковите во битолската термоелектрана и изминативе неколку дена струјата што фали се увезува. И тоа нормално доведе и до стравување да не се повтори 2012 година, кога за увоз поради исто така ниски температури се платија огромни суми, што потоа резултира со зголемување на цените за потрошувачите. ЕЛЕМ сега ќе плати 1,9 милион евра за 14.568 мегават-часови струја, кои се наменети за да задоволат дел од потребите на тарифните потрошувачи за 5 дена. Притоа, цените се движат од 140 до 219 евра за мегават-час, бидејќи се работи за интервентни увози, кога цените се највисоки. Од компанијата убедуваат дека нема да има зголемување на цените оти сегашните трошоци ќе се покријат со она што беше заработено претходно од извоз на вишоци.

За ланската година нема податоци колку струја е извезено иако, според компанијата, имало извоз во последните два месеца од ланската година. Се знае дека 2015 имаат продадено околу 391.000 мегават-часови електрична енергија, количина што е за 21,68 отсто поголема од онаа што била продадена во 2014 година, во која исто така извозот бил поголем за сличен процент од оној во 2013 година. Но дали ќе биде така, ќе се види во јули, кога РKЕ ги носи новите цени на електричната енергија за корисниците кои се на регулираниот пазар.

Интерветен увоз на струја во овој период со екстремно ниски температури не е карактеристичен само за Македонија. Бугарија, на пример, која е извозник на струја и има договори за извоз кон Романија, Грција, Турција и Македонија, кои мора да ги почитува, поради големата потрошувачка побарала интервентен увоз од Романија. Но била одбиена бидејќи и Романија се соочува со сличен проблем со зголемена потрошувачка. Во вакви услови на европските берзи производителите што располагаат со слободни капацитети што не се врзани со договори, тријат раце бидејќи цените вртоглаво растат поради помалата понуда. А намалената понуда, пак, доведува и до страв да не се случи да нема доволно струја и да мора во вакви екстремни услови да се прават рестрикции.

Од ЕЛЕМ деновиве смируваат дека снабдувањето е стабилно и оти така ќе продолжи и во наредниот период. Меѓутоа, состојбата повторно го наметнува прашањето за електроенергетската сигурност на земјава. Односно, дали Македонија конечно ќе се сврти кон зголемување на своите капацитети за производство на струја. Зашто, ако сегашните главно се доволни за задоволување на потребите на домаќинствата, сепак, струја се увезува за потребите на фирмите и за тоа се одлеваат огромни пари. Иако тие се на либерализираниот пазар и електрична енергија за нивни потреби се набавува таму каде што таа е поевтина, сепак, ни фали струја. Kолку тоа ќе биде во пари, ќе се знае за три години, кога пазарот на електрична енергија целосно ќе биде либерализиран и кога сите производители, вклучувајќи ги и ЕЛЕМ, струја ќе продаваат на пазарот, а трговците од нив или од странство, ќе ја купуваат за своите клиенти, каде што ќе бидат и домаќинствата.

Останува фактот дека од осамостојувањето досега од државата се изградени само двете хидроцентрали, „Kозјак“ и „Св. Петка“ и ветерниот парк „Богданци“. Kомбинираната гасна централа ТЕТО е приватна инвестиција и дури лани почна со позначително производство на струја. Светла точка донекаде се капацитетите од повластените производители на енергија – малите хидроцентрали, фотоволтаичните и тие на биогас, кои додадоа нови 84 мегавати инсталиран капацитет, а со оглед дека се во изградба уште 40 мали централи, кои треба да дадат капацитет од 40 МВ, ќе се дојде до нови 120 мегавати.

И оти е така ние секоја година увезуваме струја, за разлика од многу земји од регионот, кои се нето-извозници и државите од тоа остваруваат значителни приходи. Но не е само тоа. Јагленот се троши и прашање е до кога РЕK „Битола“ ќе ја има сегашната сила. Велат дека резервите се за уште петнаесетина години. И ако до тогаш не се преземат поголеми чекори, Македонија може да се најде во сериозни проблеми. Не само краткотрајни како сега, туку долгорочни.

Зденка ПАВКОВИЌ

#



Останати вести
Обама ги промовира САД во банана-држава
Верувања и суеверија за бројот четириесет
Барања за кастрација на Македонија
Грабеж на пошта одамна не е вест

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести