Датум:
06.09.2011, 18:32 МАКЕДОНСКОТО ЗНАМЕ ПАК СЕ РАЗВИОРИ НА ПОКРИВОТ НА ЕВРОПА
Мон Блан под нозете на малолетник од Велес

Седумнаесетгодишниот велешанец Тоше Велев се искачи на врвот Мон Блан, за кој с` уште се верува дека е покривот на Европа. Тој е член на планинарскиот клуб „Кораб“ од Скопје и заедно со десетмина други алпинисти, колеги од клубот, пред еден месец од прва го искачил овој врв. Повеќето од учесниците се млади до 20 години. Иако малолетен, Велев имал храброст да прифати предизвик на кој и многумина повозрасни не би се нафатиле.
- Ова беше моја голема желба, која ја остварив - бев најмлад од сите учесници. Исполнет и среќен се вратив дома. Одозгора погледот е фантастичен. Се гледаат само планини, врвови и облаци - вели скромно Тоше.
Одисејата на искачувањето на експедицијата „Алпи“ траела три дена. Како загревање, пред освојувањето на Монт Блан (4.807 метри) младите планинари го искачиле Триглав (2.864) во Словенија и Гран Парадизо (4.061 м) во Италија.
Трк преку „Куларот на смртта“
Освојувањето на Мон Блан започнало со искачување до планинарски дом, кој се наоѓа на височина од 3.100 метри. Дотаму стигнале со планински воз од Шамони во Франција, кој ги однел до височина 2.200 метри, а потоа со четири часа пешачење до домот „Тетру“. Времето било многу лошо, со силен леден дожд, а патеката била полна со камења кои бегале под нозете. Следниот ден времето се отворило и им било наклонето, со потребните убави услови бидејќи следувал најтешкиот и најстрашниот дел од искачувањето, патеката наречена Кулар на смртта. Ден пред тие да минат загинал Чех. Годишно при освојувањето на Мон Блан гинат по 300 планинари, што зборува колку е опасно искачувањето на Алпите.
- Куларот на смртта се две карпи и меѓу нив како корито низ кое од високо се тркалаат огромни камења. Пред неколку месеци тоа било глечер, кој летово се одмрзнал, па нема што да ги држи камењата и тие без причина се лизгаат. Тоа се огромни камења кои се смртоносни за алпинистите. Погледнуваш пред да тргнеш дали доаѓа камен и ако нема тргнуваш. Преминот трае дваесетина секунди, широк е стотина метри. Сам ја избираш патеката бидејќи нема ништо што може да помогне и трчаш, гледаш да стигнеш што побргу на другата страна за да го избегнеш дождот од камења. Додека ние дојдовме, претходно имало пет одрони. Носиме кациги, заштитни шлемови, кои малку можат да помогнат ако удри камен - објаснува Тоше.
Врвот - бескраен простор како сон
По овој смртоносен дел следувало искачување од околу четири часа до нов дом наречен „Дегутена“ на 3.800 метри надморска височина. Ова бил најнапорниот дел, стрмен за искачување, а го поминале со ранци на грб тешки по 15 килограми. Морало да се обезбедат со сајли и јажиња, со кои се прикачувале и освојувале нов простор кој ги води до врвот. За еден ден освоиле 1.200 метри надморска височина, односно од 3.100 се качиле на 4.300 метри. Реткиот воздух таму ги забавувал и изморувал, а и искачувањето билко тешко, оти е вечен мраз. Таму ноќевале, па продолжиле.
- Кон нашата цел тргнавме во 6 часот наутро, а врвот го освоивме во 8.37 минути на 16 август, вторник. Беше одлично време, чисто. Времето минато таму е незаборавно, глетката не може да се прераскаже. Како во сон, бескраен простор пред себе и облачиња како памук. Последната фаза ја миневме заедно со група словенечки алпинисти. Сакам да продолжам со алпинизмот, следно нешто повисоко што би освоил е Елбрус, врв на Кавказ (5642 метри). За некоја година - вели младиот велешанец, кој е ученик во средното училиште „Коле Неделковски“, во трета година, насока информатика.
Додека се искачувале, се хранеле со енергетски чоколада, суво овошје, сливи, ананас и пиеле многу вода, до три литри на ден. За овој подвиг се подготвувал од мај, возел велосипед, трча и, константно спортувал. Посебна благодарност има кон водачот на експедицијата, прекалениот планинар Љубомир Котевски, кој имал верба во него и иако малолетен, го зел во екипата. Љубовта кон планините ја добил на осумгодишна возраст, кога со татко му за прв пат бил на планина, на Чеплес. Тоа прераснало во нешто повеќе, во желба за искачување и за истражување на височините. Бидејќи во Велес немало клуб каде што може да работи, се решил да стане член на „Кораб“.
За 15 месеци, како што е планинар, секој месец освојува по еден врв, и досега се искачил на повеќе од 20. Може да се пофали дека Балканот веќе ги има освоено Мусала (2.925) на Рила, Митикас (2.918) на Олимп и Вихрен. Петар ПЕЧКОВ
# |