период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Култура
Датум: 11.08.2013, 18:17

АРХЕОЛОГОТ KИРО РИСТОВ ТВРДИ

Јустинијана Прима е под Скопската чаршија

Весна И. Илиевска

Загубениот град Јустинијана Прима веројатно се наоѓа под Старата скопска чаршија, вели археологот Kиро Ристов, кустос-советник во Музејот на град Скопје. Toa може да се потврди ако теренот се истражи, иако во археолошката наука, со децении се спротивставуваат две тези за таканаречената bалканска Атлантида. Едната е дека се наоѓа на локалитетот Царичин Град, кај Лебане, Србија, втората дека е близу Скопје. При неодамнешно патување во Србија, неколкумина кустоси низ музејски поставки и археолози го спомнаа Јустинијан, а како негово родно место го посочија токму Царичин Град, односно Јустинијана Прима.

Докрај неистражено

Ристов долги години ја истражуваше доцноантичката населба Таурисиум, кај скопското село Таор, каде што историографот Прокопиус запишал дека е роден Јустинијан Први (482 - 565), големиот император на Источното Римско Царство.

- Родното место на Јустинијан не е Јустинијана Прима, туку Тауресиум. Од Прокопиус знаеме дека тој ја направил Јустинијана Прима во близина на своето родно место. Според неговите кажувања, знаеме дека градот имал големи улици, убави згради и објекти. Но, дека Царичин Град е родното место на Јустиунијан не држи вода. Цел свет знае дека е роден во Тауресиум, кој не може да биде на исто место со претпоставките за Јустинијана Прима. Тоа се два различни поима, топонима. И едниот и другиот се влезени во историските списи, првиот како негово родно место, вториот како град што му го посветил на родното место - вели Ристов.

Според него, додека не се најде цврст доказ за локацијата на мистериозниот град, секој научник ќе ја тврди својата теорија. Тој беше дел од екипата што неколку години интензивно го истражуваше скопското Kале. Од ископувањата не добија резултати дека таму би можела да биде Јустинијана Прима, бидејќи пронајдоа малку остатоци од доцноримскиот период. Освен тоа, и тој локалитет е на височинка.

- Претпоставувам дека градот бил распослан под Старата скопска чаршија, од Kале до Султан Муратовата џамија и Саат-кулата. На Бит-пазар и во Чаршијата се случиле многу работи, а тој предел никогаш не бил сериозно истражен, до здрава земја, кога веќе не постојат културни слоеви. Сите археолози во извештаите не запишале дека до крај ги спровеле археолошките истражувања за да можат да увидат што има под слоевите - тврди Ристов.

Ристов вели дека во книгите на познатиот англискиот археолог Артур Еванс, кој во почетокот на 20 век престојувал во Скопје, има скица на Безистенот во Скопје. Во средината има дел од огромен објект - ѕид поголем од еден метар, со огромни арки, ѕидан по римскиот модел.

Масивни градби во подземјето

- Kога се градел хотелот „Арка“, на околу 3 метри длабочина градежниците пронашле објект со арки, кој сигурно не е од турскиот период, туку многу постар. На 18 метри длабочина наишле на полукружен објект, ѕидан од делкани камења и блокови. Пронашле и два бронзени сада од античко време. Во подрумите на црквата „Св. Спас“ има ѕид од 10-12 метри. Можно е Јустинијана Прима да е пред нашите очи, под нашите стапала - вели Ристов.

Сепак, додава тој, тоа не значи ништо ако не се направи какво било истражување. Тој е категоричен дека во последните десетина години во Скопје се градат многу нови објекти, се копаат страшни дупки, а археолозите, музеите, заводите за заштита на спомениците немаат никаков увид. Истражувања немаше ниту кога се градеше хотелот „Арка“.

- Слична теорија имаше и академик Блага Алексова, пред да почине. Таа беше најголем истражувач и веројатно човек што најмногу сакаше да ја открие Јустинијана Прима. Не тврдеше дека е во Чаршијата, но беше уверена дека е тука некаде, околу Скопје. Истражував да видам што се случувало во минатото. Тргнав од картите. Најдов мапа на Скопје од 1912 и од 1920 година. Улицата под денешната Самуилова, на Kале, се викала Јустинијанова. Сите други улици подолу се нарекувале Градиште и слично. Топонимијата била изменета по 1945 година, но си останале на мапата. Топонимијата ни е на прво место кога се бара некој локалитет. Можно е дека акрополата на тој град била токму на тоа место и оттаму да се спушта градот - вели Ристов.

Сите цркви станале џамии

Остатоци од Јустинијана Прима се најдени дури до Саат-кулата од другата страна.

- Гледајќи го централното градско јадро на Старата чаршија, бездруго тука бил градот. Сосема може да се претпостави дека под нив има други објекти. Анот бил ан и тогаш и сега. Kога дошле Османлиите, сите цркви ги направиле џамии. Местата се исти, вели Ристов.

#



Останати вести
Не баш супер суперчовек
Вечер на „Брамс“ на Охридско лето

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
skopjanka, 12.08.2013 10:56:12
pocnete da kopate I vo carshija ne osavivte mesto bez da kopate
anonimna, 12.08.2013 12:06:01
Mozjebi ke gresham, bidejki vo ovaa ramka sum parcijalno zapoznaena ,ama citajki mislata me vovede vo istoriskata ekleastika na Justinijana.
Најнови вести