период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Омнибус
Датум: 08.09.2014, 16:17
СТРАСТНИ ПАТУВАЧИ НИЗ СВЕТОТ ПРЕСТОЈУВААТ ВО ЗЕМЈАВА

Американец и Германец ја истражуваат Македонија 91 ден

 

Мајк Пауел и Јирген Хорн од 2010 година го одржуваат својот блог, престојувајќи во секоја земја по три месеци, време што го одредиле дека е доволно за да се запознаат со некоја култура, а и да не им здодее

Ги нарекуваат патувачки воини. Од 2010 година го обиколуваат светот, а своите импресии ги споделуваат на својот блог „За 91 ден“ (For 91 days). Истражувајќи за Балканот, Американецот Мајк Пауел и Германецот Јирген Хорн ја најдоа и Македонија на светската мапа и одлучија три месеци да поминат кај нас. По првиот месец, на својот блог напишаа:

„По еден месец, сфативме колку сме ја потцениле Македонија. Мала е, но дефинитивно не ~ недостигаат прекрасни места. Засега бевме фокусирани на Скопје и на неколку други градови во централна и во западна Македонија“.



Програмерот Мајк и фотографот Јирген веќе имаат омилени места. На пиедестал го ставаат островот Голем Град во Преспанското Езеро. Веднаш до него и Охридското Езеро, со Радожда и Вевчани.

- Го обожававме планинарењето на Маркови кули во Прилеп до манастирот Трескавец и имавме незаборавна авантура обидувајќи се да ја најдеме опсерваторијата Цоцев Kамен, во близината на Kратово. Можеби најдобрите искуства беа средбите со локалните луѓе. Пријателски настроени луѓе, особено во мали села, кои н` покануваа со нас да споделат ракија и храна – велат страстните патувачи.

Историски, Балканот е најинтересен во Европа

За тоа како ја избрале нашата земја, двајцата раскажуваат дека најголема провокација им било недостигот од информации за Македонија на интернет, во споредба со други од Балканот.

- Отсекогаш сакавме да го истражуваме Балканот. Од историска перспектива, тоа е еден од најинтересните региони во цела Европа. Иако сме биле во Србија, не знаевме ништо за остатокот од полуостровот. Имавме предвид три различни држави: Босна и Херцеговина, Црна Гора и Македонија. Додека истражувавме онлајн, најдовме многу информации за Босна и за Црна Гора и сфативме дека малку е познато за Македонија. Тоа ни изгледаше совршено – мала, прекрасна и релативно непозната земја. И тогаш слушнавме за прекрасната храна и вино и нашата одлука беше донесена вели Мајк.

Идејата за блогот се родила во 2010 година. За тоа како дошле до идејата да се вика „За 91 ден“, велат:

- Отсекогаш сме опседнати со патувањето. Пред да го почнеме блогот, живеевме во САД, Германија, Ирска и во Шпанија и ги потрошивме сите пари посетувајќи ги другите делови на светот. За нас, патувањето е најинтересната активност за луѓето. Така се сетивме дека треба да патуваме буквално цело време! Но, за навистина да научиме за некое место и да го искусиме на автентичен начин, треба да останете подолго на едно место. Работиме независно, преку интернет, па тоа беше изводливо за нас. Четири локации годишно звучеше совршено - тоа е доволно време за вистински да се научни нова култура, но не и многу време за да ви се здодее. Па така, 365 дена ги поделивме со 4 и добивме 91.25 и ние заокруживме 91. Така ја добивме идејата за блогот и името - објаснуваат авантуристите.

Kорисно е да знаете „здраво“ и „благодарам“

Нивна прва локација бил градот Овиедо, во северна Шпанија, што се покажало како одличен избор, многу различен од остатокот на земјата. Македонија е нивна 13-та дестинација, а досега биле во: Савана (САД), Буенос Аирес (Аргентина), Боливија, Палермо (Италија), Шри Ланка, Пусен (Јужна Kореја), Ајдахо, Истанбул (Турција), Исланд, Јукатан (Мексико) и Токио (Јапонија).

Светот е голем, а за тоа за каде ќе го купат наредниот авиобилет многу истражуваат.

- Kупуваме книги, ја проучуваме историјата и гледаме што е можно повеќе филмови. За Македонија нема многу водичи за патување, но прочитавме с` што најдовме. Учевме од други блогови за патување, го изгледавме „Пред дождот“. Учевме малку и за јазикот. Многу често корисно е и да знаете да кажете „здраво“, „благодарам“ и „сметката, ве молам“ - вели Јирген.

За време на патувањата, Мајк и Јирген прават и мали интервјуа со локалното население, за да добијат што појасна слика за местото. Ги прашуваат локалците што работат, која им е омилена храна, а кое омилено место во земјата. Што е најдобро, а што најлошото во нивната земја, која им е омилената музика и едно место во светот што посакуваат да го посетат.

- Одговорите секогаш се уникатни, но прашувајќи повеќе луѓе, млади и стари, можеме да добиеме генерален консензус - велат тие.

По Македонија, не се сигурни каде ќе патуваат. Ќе паузираат два месеца, а потоа размислуваат за Пацификот – Нов Зеланд, Австралија или Фиџи.

- С` уште не сме биле во Африка и би сакале да одиме таму, особено во Западна Африка, како и во Југоисточна Азија – Виетнам или Бурма. Светот е толку голем и идеите никогаш нема да ни се исцрпат. Мислам дека ќе го одржуваме „За 91 ден“ додека не сме многу стари! - децидни се Мајк и Јирген.

Сребра Ѓорѓијевска

#



Останати вести
Го создал најпознатото лого на Њујорк и заработил само 2.000 долари
Откриени две каријатиди во македонската гробница во Амфиполис
Малиот Мендез се сретна со идолот Фидел Kастро
Полскиот имигрант Арон Kосмински бил Џек Мевосек

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести