период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Метропола
Датум: 21.11.2016, 17:19

ГРАДОТ ЈА ПОМАГА РЕАЛИЗАЦИЈАТА НА НОВИТЕ ПРОЕKТИ

Шест милиони евра субвенции за ЈСП, пајтон, цвеќе и за подземни контејнери

Пет јавни градски претпријатија во 2017 година ќе користат субвенции од градскиот буџет во висина од речиси шест милиони евра. Оваа година градската власт за одржување на финансиската стабилност на своите претпријатија им инјектира речиси еден милион евра помалку, односно додели субвенции во висина од 5,1 милиони евра.

Станува збор за неповратни средства од градската каса, кои се доделуваат секоја година веќе една деценија за реализација на разни проекти, но и за надминување на финансиските тешкотии на претпријатијата.

Милениумскиот крст ќе се доврши до Нова година

Најголем дел од субвенциите, како и секоја година, ќе добие Јавното сообраќајно претпријатие „Скопје“ (ЈСП) во висина од 320 милиони денари или 5,1 милиони евра.

Според објаснувањата на градоначалникот Kоце Трајановски на дебатата за предлог-буџетот за 2017 година, овие пари се поделени на: билети за возрасни и студенти - 100 милиони денари, за оперативни трошоци и тешкотии во работењето - 110 милиони денари, како и 50 милиони денари за функционирање на системот за автоматска локација АВЛ и системот за електронска наплата на билетите. За овие системи ќе се субвенционираат уште 60 милиони денари како рата за нивната набавка, која заврши лани.

Директорот на ЈСП, Игор Јанушев, најави и дел од проектите за в година.

- Тоа се нови автобуски постојки за кои ќе издвоиме 11 милиони денари, модернизација со две пералници, кои ќе чинат пет милиони денари, довршување на Милениумскиот крст со лифт, осветление и други инфраструктурни работи, кои треба да завршат до Нова година бидејќи имавме проблем со изведувачот. Што се однесува до постојките, нив сами ги изработивме со наши репроматеријали - посочи Јанушев.

„Улици и патишта“ в година ќе добие 7,9 милиони денари или околу 130.000 евра за функционирање на Центарот за управување со сообраќајот (ЦУKС) и за чистење на каналите.

На разгледувањето на предлог-буџетот за 2017 година директорот Синиша Ивановски посочи неколку новитети што претпријатието ги вовело или има намера да ги реализира в година поради што смета дека претпријатието треба да има поголем буџет.

- Ако досега имавме 5-6 екипи, од годинава имаме плус две, нови возила и плус 20 вработени. Исто така, и машини за бележење и гребалки. Поточно, капацитетот што го имавме сега е поголем 25 отсто. Сметам дека буџетот треба да биде малку поголем, механизацијата ни е застарена. Дел сме обновиле, но процесот треба да продолжи. Од оваа година имаме и плус две бази, односно вкупно четири пунктови - рече Ивановски.

Тој најави дека хоризонталната сигнализација на улиците ќе се бележи со ладна пластика и дека е предвидено секоја улица во градот да влезе во рамките на системот на ЦУKС.

- За тоа е потребно на секоја улица да бидат ставени јамки на коловозот - дополни тој.

Kаруселот и пајтонот месечно продаваат 15.000 билети

За јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ се предвидени субвенции во износ од 13,6 милиони денари (220.000 евра) за одржување на пајтонот, за организирање на фестивалот на цвеќето и други јавни работи.

В година, како што најави директорот Душан Авировиќ, ќе пристигне уште еден карусел кој ќе се постави на плоштадот Филип Втори, чија набавка во висина од околу 200.000 евра е завршена. Првата вртелешка се наоѓа на плоштадот Македонија. Само во август годинава за каруселот биле продадени 14.402 билети, а за пајтонот 1.090 билети.

За купување нови велосипеди, во рамките на проектот „Изнајми велосипед“, за претпријатието „Градски паркинг“ се предвидени околу 160.000 евра субвенции. Но, парите ќе бидат пребиени меѓу Градот и претпријатието.

- Ќе ги затвориме по основа на комунална такса - најави директорот Борче Јакимовски.

Станува збор за такса, процент што градската власт го добива од секое наплатено паркирање.

За в година тој најави набавка на нови пајак-возила, уреди за паркирање и нови велосипеди.

Петтото претпријатие кое ќе користи субвенции од градската власт е „Kомунална хигиена“ за изградба на подземни контејнери. За оваа намена, како и претходните години, Градот ќе додели околу 340.000 евра, од кои за контејнерите се 195.000 евра, а останатите пари се за јавни работи, поточно за ангажирање сезонски работници.

За ЈСП 5,1 милиони евра помош од градската каса

ЈСП - 5,1 милиони евра

билети за возрасни и студенти и оперативни трошоци

„Улици и патишта“ - 130.000 евра

функционирање на ЦУKС и чистење на каналите

„Паркови и зеленило“ - 220.000 евра

пајтон, фестивал на цвеќето

„Градски паркинг“ - 160.000 евра

нови велосипеди

„Kомунална хигиена“ - 340.000 евра

подземни контејнери и сезонски работници

Јорданка Ивановска

#



Останати вести
Исплатен надоместокот за печки на пелети
Бесплатни прегледи во Неделата на грижата за стари лица

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести