период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Метропола
Датум: 10.01.2017, 16:48

KОМПЛИЦИРАНО ПЛАЌАЊЕ БИЛЕТ ЗА ЕДНО ВОЗЕЊЕ ВО АВТОБУСИТЕ

Со мобилен плаќаат билет само корисниците на „Телеком“, наскоро и тие на „Вип“

Не функционира плаќањето на билет за едно возење во јавниот превоз преку мобилен телефон на начинот како што беше најавено, а услугата не можат да ја користат сите патници што имаат мобилен телефон, туку само оние што се на мрежата на „Македонски телеком“.

Наместо со вртење на 185 и приближување на телефонот до валидаторот, патниците за да платат билет на овој начин, сега прво мора да ја активираат услугата кај операторот со испраќање СМС-порака, па потоа да плаќаат со телефонот. Од друга страна, патниците што користат мобилен на мрежата на вториот мобилен оператор „Вип“, не може да платат едно возење во автобус со телефонот и мора да купуваат од електронските картички за повеќе возења, без разлика дали им требаат.

Не може да се плати со вртење на 185

- Се обидов трипати во приватен и во автобус на ЈСП да платам со мобилниот, бидејќи не ми беше дополнета картичката. Сакав да си платам билет за едно возење од 40 денари, со намера потоа да ја дополнам картичката. Не успеав да платам со вртење на 185 и секогаш ми се појавуваше: „грешка во најавувањето“ - се пожали скопјанката Силвана Димовска.

Можноста за плаќање со мобилен телефон во јавниот превоз со вртење на бројот 185 од Градот и ЈСП ја најавуваа уште кога беше најавено воведувањето на електронската наплата во автобусите на ЈСП.

Од ЈСП тврдат дека ваквото плаќање функционира.

- Плаќањето со мобилен телефон е во ред. Бидејќи оди преку „Македонски телеком“, тие направиле своја апликација. Има упатство залепено до валидаторот во сите автобуси, кое можат да го видат патниците. Имавме барање за ваква услуга и со мобилниот оператор „Вип“, но досега немаме одговор - вели Kостадин Тасевски од ЈСП.

Од „Македонски телеком“ објаснуваат дека имаат склучен комерцијален договор со ЈСП како продажно место за наплата на билет со мобилен телефон за своите корисници и услугата веќе е функционална.

- Од почетокот на годината има околу 400 успешни трансакции за купување билет со мобилен телефон од страна на нашите корисници. Постојат и неуспешни обиди за трансакции затоа што претходно корисниците треба да ја активираат услугата mobipay (купување со мобилен телефон), со која ќе можат да купат билет или друг производ од трговската мрежа. Услугата се активира бесплатно на 141-114. По добивање на СМС-нотификација, веднаш може да се купи билет - објаснуваат од телекомот.

И „Вип“ ќе се приклучи

Од „Вип“ најавуваат дека и нивните корисници ќе може да плаќаат возење во градскиот превоз. Оттаму велат дека по извршената хармонизација, неопходните усогласувања и утврдувањето на деталите го доставиле до ЈСП договорот за мобилно плаќање на услугите.

- Откако договорот ќе биде потпишан од двете страни, очекуваме во најкус можен рок во интерес на корисниците на „Вип“, а, пред с`, на граѓаните на Скопје да биде овозможена техничка поврзаност со системот на носителот на техничкото решение за електронска наплата и наплата преку мобилен телефон за билети, со што ќе стартува и мобилното плаќање за корисниците на „Вип“ - потенцираат од овој оператор.

Билетот за едно возење платен преку мобилен телефон чини 40 денари, а со електронската картичка чини 35 денари.

Kонтролорите на ЈСП и во приватните автобуси

Во врска со контролата на плаќањето во приватните автобуси од ЈСП објаснија дека за тоа ќе бидат ангажирани нивните контролори.

- Тоа ќе функционира како што беше досега во нашите автобуси. Наши контролори ќе има и во автобусите на приватните превозници. Засега не размислуваме за вработување на нови контролори, но времето ќе покаже - вели Kостадин Тасевски, одговорен за односи со јавноста во ЈСП.

Инаку, засега во ЈСП има вработено 87 контролори.

Анела Петрова

#



Останати вести
Продолжува чистењето на снегот
ПОЦ отвори преноќевалиште во гаражата „Судска палата“
Мичуринска средба за Василица

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести