период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Отворена
Датум: 11.01.2017, 17:36

НАСТАНИ, СИМБОЛИ, АЛУЗИИ

Верувања и суеверија за бројот четириесет

Во текот на божикните празници, на еден комбиниран семеен ручек, наместо за политика, стана збор за бројот четириесет, за неговата симболика, магичност и тајни што се спомнуваат во контекстот на четириесет дена или четириесет години. Тоа е разбирливо, зашто за овој библиски број постојат разни претпоставки, различни толкувања, но и нешто заедничко што живее во суеверието, но може да се потврди и како неспорен факт во многу значајни настани во човековиот живот.

Бидејќи разговорот содржеше повеќе прашања, непознати и недоумици, а помалку одговори, покажаниот интерес од далеку помладите од мене, ме мотивира да го напишам овој текст, повеќе со можни објаснувања отколку со тврди и конечни вистини.

Во симболиката четириесет е број со повеќезначности: на исчекување и подготовка за нешто важно што треба да се случи, на докажување или казна. Завршување еден циклус и почнување нов, но не за да се повтори истиот, туку да се оствари радикална промена, да се направи премин во друг дел активности или состојба и нов живот. Поврзан е со човековиот живот од раѓањето до смртта, од бебе до старец, до заминувањето на оној свет, па дури и нешто после тоа. Може да се каже дека библиските пишувачи и подоцнежни толкувачи ја одбележуваат историјата на спасот датирајќи значајни настани со овој број.

При потопот, познат по Ное, 40 дена и 40 ноќи врнел без прекин обилен дожд. Мојсеј на 40-годишна возраст бил повикан да застане на чело и да ги изведе Евреите од ропството во Египет, а четириесет години, додека не се сменила генерацијата, талкале низ пустината за да стигнат да ја догледаат ветената земја. На тој пат, сам престојувал 40 дена на планината Синај, по што Господ му ги предал плочите со Десетте заповеди. По четириесет години владееле првиот еврејски цар Саул и двајцата најпознати: Давид и син му Соломон. И пророкот Илија (денес свети Илија) патувал во пустината четириесет дена, по што ги научил сите животни тајни и стекнал моќ да прави разни чудесија.

Сите погоре спомнати настани се составен дел на Стариот завет. Во Новиот бројот четириесет е поврзан со животот и делата на Исус. По 40 дена од раѓањето, првпат бил внесен во храмот, каде што бил препознат како Месија (спасител). По крштевањето во реката Јордан, оди во пустината, пости и е искушуван од ѓаволот, не подлегнувајќи на неговите понуди, рамно 40 дена. (Оттаму е и обичајот за божикниот пост, кој трае 40 дена). Проповедал 40 месеци. Воскреснува 40 часа по положувањето во гробот. Воскреснат се појавува пред своите ученици на четириесеттиот ден (денес Спасовден, секогаш 40 дена по Велигден), а по средбата „се вознесол на небото и седнал на десната страна од Бога“.

Оттаму, овој број, кај многу народи се поврзува со посмртните ритуали. Според христијанското верување, по толку дена од смртта душата на покојникот го напушта телото и заминува на небото, посмртните останки конечно се ослободиле од с` што било живо или посуптилно кажано – мртвото тело се ослободило од сите души. Со ритуалната церемонија што се врши на четириесеттиот ден се отстранува и последната забрана за жалост, од тој ден роднините на покојниот биваат ослободени од строги обврски од тој вид, како што е, на пример, носењето црна облека и слично. Kај некои народи тоа е последниот ден кога жали жената – по тој ден станува слободна за стапување во втор брак. Интересно е што и некои научни истражувања покажуваат дека процесот на нормалното тагување, од психосоматски аспект, трае околу 40 дена.

И во животниот циклус бројот четириесет е означен како како пресвртна доба, односно како исполнување на една фаза и достигнување до нејзиниот врв. Тоа значи дека во четириесеттата година човечкиот интелект е најразвиен, човекот ја достигнува својата зрелост. Тоа го потврдуваат биографиите на многу големи умови, а познато е дека Буда и Мухамед своите учења ги почнале кога биле на четириесетгодишна возраст. Во некои книги четириесеттите години од животот се опишуваат како време кога е рано нешто да завршиш, а доцна нешто ново да почнеш. Едно од верувањата (суеверија) е дека не треба да се прославува четириесеттиот роденден на мажот или на жената.

Да бидам искрен, во разговорот научив нешто што не го знаев, како што не знам многу работи и што се покажа дека човек учи додека е жив, што се вели. А тоа е дека зборот „карантин“ настанал од италијанскиот збор „каранте“, што е четириесет. Kарантин, во современа смисла, е термин со кој се означува епидемиолошка мерка со која се врши, под еден: изолација болни или инфицирани (луѓе, добиток, растенија) заразни болести заради заштита спречување ширење епидемија; под два: станица (место) преглед патници, стока животни доаѓаат краишта зафатени епидемија; и под три: изолиран престој спортисти пред важно натпреварување.

Kако што е кажано погоре, тоа е збор со италијанско, поточно од венецијанско потекло. Имено, венецијанските власти во 1423 година почнале со изолација на болни или на сомнително заболени на некое островче во заливот во траење од 40 дена. Се сметало дека сите заразни болести имаат период на инкубација од 40 дена, а периодот за престој во карантин не бил одреден според некое медицинско искуство, туку врз основа на библиските книги, во кои пишува дека и Мојсеј и Исус, за да зајакнат и ги издржат сите искушенија, живееле четириесет дена изолирани во пустината.

Во, политиката, она што денес во некои држави е „сто дена мир за владата“ порано било со траење од 40 дена. Тој компромис произлегувал од француското феудално право, во кое постоела „четириесетница на кралот“, воспоставена од Луј Девети, временски период од 40 дена, во кој противникот не смеел да се одмаздува за навредата.

Има уште многу тајни и суеверија врзани за првите четириесет дена на новороденчињата и мајката, кои не треба да излегуваат (без потреба) од дома, за правењето мелеми и нивното зреење до четириесеттиот ден, за стоката и растенијата, за ракијата и виното, за зелената туршија од Kрстовден до Митровден или за киселата зелка од Митровден до Свети Никола, периоди од по четириесет дена.

Во календарот на Македонската православна црква познат е празникот на светите 40 Севастиски маченици, востановен во спомен на војници од Севастија, кои маченички загинале во 320 година зашто не сакале да се откажат од христијанската вера. Овој ден се совпаѓа црковно и со Младенци, а световно со 22 март, почетокот на пролетта. На овој ден во Штип се одбележува народниот обичај познат под името „четрсе“ (четириесет на литературен македонски), кога на Исарот се искачуваат илјадници штипјани кои фрлаат по 39 камчиња во Брегалница, за лична среќа, за среќа на блиските, а младите за „препознавање“ во сонот на идниот животен партнер, преку четириесеттото каменче, кое не се фрла, туку се носи дома.

Треба да се истакне, да се потенцира, дека тоа е првиот македонски обичај што е на светската листа на УНЕСKО за нематеријално културно наследство. Браво! Од неодамна канонизирани, во календарот се додадени светите 40 битолски маченици, вистински настан од македонската историја, при освојувањето на Битола, на 9 март 1385 година, турскиот аскер им ги отсекол главите на 40 монаси од манастирот.

Панде Колемишевски

#



Останати вести
Обама ги промовира САД во банана-држава
Барања за кастрација на Македонија
Интервентен увоз на струја по интервентни цени
Грабеж на пошта одамна не е вест

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Applewood K., 12.01.2017 04:16:10
Turcite za 40 velat *krk*.Medjutoa velat i *Krk*-*trt*.Ova bi znacelo deka posle 40 godisna vozras kaj covekot fizickata sila pocnuva da se dvizi so nadolna linija.Interesna e prikaznata za *Ali Baba i 40 razbojnici*.Zosto 40 razbojnici?Ili prikaznata so lamjata so 40 glavi.Koja e vrskata so site veruvanja i sueverja za brojot 40? Medjutoa, sto moze da se najde vo stvarnosta okolu brojot 40.Vo Ustavot na RM se veli deka:*Za pretsedatel na Republikata moze da bide izbrano lice koe na denot na izborite napolnilo najmalku 40 godini zivot*.Zosto bas 40?Neli misticno a?Vo nekoi zemji moze da se ostvari poln iznos na socijalna penzija, samo ako liceto ziveelo vo zemjata, posle 18 godisna vozrast, najmalku 40 godini.? Pak brojot 40,zosto? zosto ne pomalku ili povece? Navistina interesno.
Најнови вести