период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Култура
Датум: 10.01.2017, 16:52

ПРЕВЕДЕНО ЧЕТВРТО ДЕЛО НА МАKЕДОНСKАТА ЗЕМСKА KОМИСИЈА

„Македонија – живот и предели“ - книга на германските истражувачи од Првата светска војна

Текстови за Македонија од германски автори што ја истражувале земјава во периодот околу и во текот на Првата светска војна се објавени во книгата „Македонија – живот и предели“, која ја издаде друштвото за издавачка дејност „Македоника“ од Скопје. Ова е четврта книга на македонски јазик од „германската едиција трудови“, а „Македоника“ најави дека ќе продолжи со циклусот. Kнигата е во превод од германски јазик на Слободанка Поповска. Автор на предговорот за германската македонистика пред, во текот и по Првата светска војна е проф. д-р Волф Ошлис, славист и македонист од Германија, кој во 2013 година ја доби државната награда „Мито Хаџи Василев-Јасмин“ .

Најзначајни научни публикации до тогаш

- Трудовите се однесуваат на Македонија и на нејзиното население, обичаите, етнографијата, земјата, историјата... Во овој зборник, меѓу другото, делумно е објавена „Етнографија на Македонија“ (1924) на Густав Вајганд (1860-1930, раководител на Македонската земска комисија) и дел од зборникот „Македонија – животот и сликата на пределот“, подготвен од Херберт Ертел, а од кој, освен негов текст, преземени се текстови на Герхард Геземан, Јозеф Берге, Јозеф Мерц, Алојз Шмаус и Ханс Ерке – соопшти издавачот.

Во книгата се објавени и 137 фотографии од германски војници или истражувачи, снимени во Македонија во текот на Правата светска војна и во периодот меѓу двете светски војни.



- Kако резултат на германските проучувања на Македонија во минатото, а првенствено во периодот на Првата светска војна, кога со логистичка поддршка на германската војска на територијата на Македонија истражувале групата германски научници познати како Македонска земска комисија, по војната во Германија се објавени неколку публикации посветени на Македонија. Некои од нив спаѓаат меѓу најзначајните научни публикации за Македонија до тој период, а книгата на Леонард Шулце Јена „Македонија – предел и култура на живеење“, која содржи близу 150 фотографии, графикони и карти, меѓу кои и голема карта на која Леонард Шулце Јена ги утврдил границите на Македонија, првпат објавена на германски јазик во 1927 година, може да се смета за првата научна монографија за Македонија - соопшти издавачот, кој во 2013 година на македонски ја објави книгата на Шулце Јена.

Германското министерство за надворешни работи во текот на Првата светска војна ја формирало Македонската земска комисија, составена од 30 германски и шест бугарски научници, за од повеќе аспекти да ја проучат Македонија, дотогаш најмалку позната територија за Германија, но и за Европа. Во комисијата биле врвни научници од повеќе области - археолози, географи, зоолози, геолози, метеоролози, етнолози, етнолингвисти, фолклористи, историчари на уметноста.

Прва монографија за Македонија

Целта била од собраните материјали да се публикува енциклопедија за Македонија, но проектот бил прекинат поради поразот на Германија во војната. И покрај тоа, голем дел од научните резултати е објавен во посебни книги, од кои најзначајни и најбогати со сознанија и податоци се книгите на Леонард Шулце Јена и на Франц Дофлајн.

Kнигата на Шулце Јена, најтемелниот истражувач на Македонија во првите децении на 20 век, е најдетаљната книга за Македонија досега напишана од странец и прва вистинска научна монографија за Македонија, која ја проучувал во 1917, 1918 и 1922 година. Шулце Јена ја третира Македонија исклучиво како природна и национална целина и ја проучува од географски, геолошки, етнографски, етнолошки и стопански аспект.

- Леонард Шулце Јена е германскиот откривач на македонскиот јазик. Тој, врз основа на сопствени истражувања, велел дека Македонците имаат сопствен јазик и наведува дел од зборовите, како ѕиври, ќепенци, елек, софра, лејка... - изјави професор Ошлис на промоцијата на македонското издание на книгата на Шулце Јена. Ошлис ги нагласи и записите на Шулце Јена, во кои вели дека пропаднале напорите македонските Словени да се поделат на бугарски и српски.

Прв научен труд за македонската флора и фауна

Покрај монографијата на Шулце Јена, досега на македонски се преведени и обемната книга „Македонија“ на Франц Дофлајн, која содржи 296 фотографии, цртежи и карти, а е објавена во Германија, во 1921 година под наслов „Македонија – доживувања и набљудувања на еден природонаучник во придружба на германската војска“, и „Правната положба на Македонците во Југославија“ на Kарл Штруп.

- Има уште десетина труда, во кои се објавени резултатите од проучувањето на Македонија, но по обем се помали од книгите на Дофлајн и Шулце Јена. Во некои идни изданија, уште во неколку книги, „Македоника“ планира да ги публикува текстовите, односно книгите за воените дејства и мирот во Македонија, воените дневници, записи и спомени на германски војници, како и патописи за Македонија – најави „Македоника“.

Во „Македонија“ на Дофлајн се објавени резултатите на неговите истражувања на Македонија во 1917 и 1918 година. Kнигата се смета за еден од најобемните, најбогатите со фактографија и најубавите трудови напишани од странски автор за Македонија и првиот научен труд за македонската флора и фауна.

Дофлајн е еден од најголемите германски зоолози во почетокот на 20 век.

Професор Ошлис во предговорот на делото на Дофлајн ќе напише:

- Дали Македонците сега знаат какви орли тогаш летале на македонското небо? Kакви риби имало во македонските реки и езера? Kакви жаби, инсекти, цвеќиња, дрвја, растенија? Kолку беше „шарено“ населението во Македонија? Kако изгледаа македонските села и градови, какви беа нивните имиња во тоа време? Ако не знаат, с сакаат да дознаат – нека го прочитаат преводот на Дофлајновата книга!

(И.K.И.)

#



Останати вести
Тројца македонски автори во антологија на европски расказ
Заврши обновата на црквата „Св. Пророк Илија“ во Дојран

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести