период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 17.03.2017, 17:41

ИСТРАЖУВАЊЕ НА Д-Р ТАНАС ВРАЖИНОВСKИ

Националниот идеал кај Македонците се пали во кризни ситуации

Многу важен сегмент од историјата на македонскиот народ е фактот дека без своја национална држава Македонците успеале да си ги зачуваат својот мајчин јазик, својата вера и со трпеливост да создадат своја држава која како вистинска стварност го одбележува нашето време. Државните падови во изминатите педесетина години се резултат, меѓу другото, на слабо развиеното чувство на љубов и приврзаност кон својата татковина, чувство на национална сплотеност и единство, како и недоволно зрело чувство на патриотизам. Така пишува етнологот д-р Танас Вражиновски во своето истражување за националниот карактер на Македонците, објавено во „Матица македонска“ пред дваесет години.


Пример на егоцентрична личност

Во својата студија за националните карактеристики на македонскиот народ, анализирајќи ги сегментите што ја сочинуваат основата на народот, Вражиновски забележува: „Македонецот е човек од индивидуална природа преокупиран со своето јас, кој подалеку од својот нос ништо не го интересира. Личниот интерес е најважниот од с` друго така што најголемиот идеал во животот е токму личниот интерес, потчинет на материјалната благосостојба. Тој е пример на егоцентрична личност“.

Притоа, во оваа дефиниција, речиси до најситниот детаљ може да се препознае оној дел од македонскиот народ кој дозволи и дозволува еден „антимакедонец“, црпнат којзнае од каде, да ги води во самоуништување. Сепак, за другиот дел од народот, кој, за среќа, е помногуброен од оној што подалеку од својот нос ништо не гледа може да се каже дека досега никогаш не потклекнал пред својата судбина, туку продолжил да го развива чувството на самоодржување и самоодбрана.

- Македонците живееле во страв од туѓите завојувачи, живееле во страв од своите сонародници, од своите комшии и слично. Јован Цвијиќ во врска со тоа ќе забележи: „Во некои краишта на Македонија нема да зборуваат како се тепале со Турците или со Албанците, туку како успеале да им побегнат или како со некое лукавство успеале да се спасат. Во Македонија ми зборувале - ние и во сонот бегаме пред Турците и Албанците!“ Секако, тоа се однесува на времето кога народот се наоѓал на ниво на раја - пишува Вражиновски.

Натаму тој го посочува авторот на романот „Пиреј“, Петре М. Андреевски, кој ќе ги забележи зборовите на еден од своите јунаци: „Стравот е страшен само за оние што му се плашат“.

- Во истиот роман, укажувајќи на плашливоста што предизвикува страв, Андреевски ќе напише: ...Јас мислев во цвеќе ќе ја најдеме Македонија, а таа во казан клаена и сите ѓаволи играат околу неа; ќе ја посееш жито, а кукавици ќе ти никнат... Македонскиот народ низ вековите бил подложен на широки агресивни влијанија од етнички, социјален, културолошки и верски аспект. Но, токму таквото минато го научи на издржливост и трпеливост. Во однос на неговата издржливост има нешто исконско што не може така едноставно да се опише. Kај народот во неговата потсвест живее некоја необјаснива, невидлива сила, што во најтешки времиња го прави жилав и издржлив - продолжува Вражиновски.

Поетот Гане Тодоровски во песната „Македонци“ ќе напише: „Сите Македонци не сме тажникови бездомници/почесто наивни но сепак никогаш нивни/очајот ќе н` сложи во сила што повеќе може... наше е да се издржи“.

- Издржливоста е предизвикана од надежта, која му била потпора и го придружувала народот во неговото опстанување. Додека постои надеж, постои и реална основа во дејствувањето на одбранбениот систем на Македонците. Според тоа, во потсвеста на народот е зацврстен посебен одбранбен систем кој му пркоси на времето, им пркоси на непријателите што со векови се борат Македонците да ги снема. Оваа особеност е придобивка на колективната свест за загрозеност, која од историска перспектива зацврсти кај нашиот народ еден вид нагон за самоодржување, кој е резултат, меѓу другото, и на стравот од самоисчезнување и самоуништување. Затоа не е случајно што слободата на Македонецот е поврзана со надминување на стравот. Еден од јунаците во драмата „Диво месо“ на Горан Стефановски ќе каже: „Н` држат уплашени со фрази, со мистерии, со догми. Н` држат уплашени дека ќе ни го земат лебот, ќе ни го срушат домот, ќе ни ја скршат вилицата. И ние уплашени им правиме пат и ги поздравуваме. И с` додека се плашиме, тие ќе газат преку нас. Слободата ќе дојде кога ќе го надминеме стравот“. Значи, с` додека постои страв, слободата е далеку од нас. Затоа во многу народни песни Македонците се повикуваат да се освестат, да се разбудат од долготрајниот сон - пишува д-р Танас Вражиновски во својата студија за карактерот на Македонците, кои којзнае по кој пат во изминатите неколку месеци одново се соочуваат со опасност од разнебитување и огромна поделеност меѓу себе на сопствена штета.


Личниот интерес како најголем идеал


- Борбата за зачувување на Македонците како народ е најважниот сегмент на неговото историско постоење и живеење на овие балкански простори. Таа грчевита борба е присутна и во наше време бидејќи националната загрозеност с` уште демне врз нас. Треба да бидеме свесни дека никој од нашите соседи и некои национални малцинства што живеат во Македонија не му сакаат добро на нашиот народ, без оглед на „пријателските“ и „чесните“ пораки што доаѓаат одвреме-навреме од нивна страна. Против Македонците и нивната татковина се води континуирана агресија и тоа во повеќе насоки: економски, политички, културни, територијални и други. Kолку сме свесни за тоа, толку поуспешно ќе можеме да им се спротивставуваме на нивните аспирации. Тешките времиња низ кои поминале Македонците во својот историски развој придонеле да се развие силно карактеролошко чувство на претпазливост и недоверба, посебно во однос на своите соседи - продолжува Вражиновски.

Сепак, според него, кај Македонците отсуствува еден многу важен елемент кој носи карактеролошки особени, а тоа е етноцентризмот под кој подразбираме силен стремеж на народот за обединување на сите слоеви во општеството за спротивставување на процесот на самоуништување.

- Етноцентризмот многу често доаѓал до израз кај нашите соседи и во многу случаи отворено преминувал во шовинизам. Република Македонија, како и некои други новонастанати словенски држави, е дело на својот народ, на неговите историски желби и стремежи. Секој Македонец со развиено чувство за своја држава претполагал дека со создавањето на македонската држава ќе се зацврсти националното единство на народот. Сепак, беше потребно време оние што живееја во минатото да сфатат дека само оваа држава, само Македонија, може да им обезбеди национален живот. За жал, сега се поставува прашањето дали добиената слобода и независност ќе знаеме да ги зачуваме, да им се радуваме и да работиме на нивно зацврстување бидејќи патот кон нив за Македонците бил макотрпен, трнлив и долг. Времето тоа ќе го покаже - пишува авторот на студијата.

Но, продолжува Вражиновски, треба да бидеме свесни за загрозеноста на нашата држава од своите соседи, но и од внатрешните сили.

- Стравот за иднината на македонската држава, според тоа, потполно е актуелен. Или што би рекол Гане Тодоровски: „Толку страхувам, некоја јанѕа ме јаде, да не би одново да Те раздадеме!“ Всушност, с` додека Македонецот не сфати дека татковината е голем, колективен долг, тешко ќе може да го развива чувството за државност и љубов кон својата единствена татковина. Долгот кон татковината тесно е сврзан со долгот кон својот народ. А националниот идеал кај Македонците продолжува да живее во кризна ситуација. Само патриотското чувство ја гради љубовта кон својата татковина - подвлекува Вражиновски во својата студија од пред дваесет години.

Таа како да е пишувана денес во време кога една таканаречена македонска партија, што сака да направи влада, отворено вели дека нејзе, како на партија, „не ~ личи да биде патриотска“?!

- Една од посериозните карактеролошки особини на македонскиот човек е склоноста кон предавството. Се чини дека тоа како да е во крвта на Македонците. Предавството воопшто е видлив и карактеристичен елемент во нашата историја. Подлогата на предавството може да биде разнообразна и да произлегува од елементарни причини до многу сложени, и тоа: од инает, од навреда, од омраза, од одмазда и слично, до предавство од висок ранг, кое ги засегнува националните интереси на нацијата. Предавниците потекнуваат од сите слоеви на општеството и нивната предавничка дејност е свртена против својата потесна средина и против својот сопствен народ. Во народната традиција предавството се смета за најголем грев. Во народните песни и преданија со мотивот на предавството предавниците секогаш се осудувале со клетви и проклетства. Тие во свеста на народниот творец се „клети шпиони“, „пусти и црни шпиуни“, „Бог да убие шпионо, шпионо Митрета Гинков“, „Бог да бие кодошо, кодошо од Генимале, кодошо Петре Лигушо“ - пишува во обемната студија на Вражиновски.

Интересно е тука да се наведе дека токму поради осудата на предавниците во народните песни и во преданијата тие се наведени со своите имиња, а во некои случаи и со презимиња и местото на нивното потекло.

- Овој момент има суштинско значење за иднината на таквите луѓе што се жигосани со епитетот предавници и носи силна морална и национална порака кон оние што подлегнуваат на овој порок и на сопствениот народ му носат тешки последици. И кај поетот Анте Поповски, како и кај ред други македонски творци, стравот од предавство од свој најблизок е најстрашниот страв. Во песната посветена на Гоце Делчев тој ќе напише: „Не ме уплашија векови со нож во туѓа рака; ме плаши час со нож од рака своја в плеќи“. Притоа, како опомена, уште еднаш треба да се нагласи дека Македонецот е човек од индивидуална природа преокупиран од своето јас. Личниот интерес е најважниот од с` друго така што најголемиот идеал во неговиот живот е токму личниот интерес, потчинет на материјалната благосостојба. Затоа, во тој контекст, постојат многубројни контрадикторности во националното и патриотско чувство, во љубовта кон својата единствена татковина - истакнува етнологот Вражиновски во својата анализа за националниот карактер на Македонците.

Блаже Миневски

 

Од рецензиJата на академик Блаже Ристовски:

Да се соземеме и да изградиме национално единство

Во освртот кон делото „За националниот карактер на Македонците“, објавен во 2000 година во „Гласникот“ на Институтот за национална историја, академик Блаже Ристовски, дефинирајќи ја книгата на д-р Танас Вражиновски како „богата по содржина и вонредна како појава“, која „доаѓа токму за да н` предупреди, да н` замисли и да укаже не само на нашите слабости, пропусти и грешки, туку и на патот за излез и за развојна перспектива“, меѓу другото, пишува:

- Ние Македонците сме поставени навистина пред императивот: да се соземеме, да се самозапознаеме во минатото и во современоста и да изградиме национално единство сред витлите на балканската еуфорична атмосфера или - да не снема како културно-национален ентитет и како политички субјект. Зашто, навистина, нема држава без јасно диференцирана национална свест и не може да има патриотизам без децидирано профилирано единствено национално чувство како етнокултурна идентификација - констатира академик Ристовски.

 

#



Останати вести
Ни недостигаат државни службеници: 935 вработени работат дури и на шест работни места

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести