период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Актуелно
Датум: 10.01.2017, 18:01

СТУДОТ МАЛKУ ЌЕ ПОПУШТИ, НО ДОАЃА НОВ ВЛАЖЕН БРАН

Од петок мало затоплување и нови врнежи од снег

По поларните температури, кои веќе една недела ја зафатија нашата земја и речиси да нема град со температура во плус, од петок ќе настапи позначителен пораст на температурата и ќе дува умерен ветер од јужен правец, а максималните температури секаде ќе бидат позитивни. Но снегот не се предава - нови врнежи ќе има уште в петок попладне, прогнозираа вчера од Управата за хидрометеоролошки работи.

Неофицијално, од студот веќе има три жртви во земјата, повозрасен маж (68), бездомник, кој беше пронајден починат во Аеродром, втората жртва е 60-годишен струмичанец, кој завчера бил пронајден починат на прагот од својот дом, а вчера студот бил фатален и за 80-годишна жена од пехчевското село Црник. Таа прексионоќа паднала во ходникот од својата куќа, но не го дочекала утрото.

Од УХМР прогнозираат дека денеска во јужните делови од земјата ќе се задржи претежно облачно време со локален слаб снег, а во северните ќе има намалување на облачноста. До утре утринските температури на повеќе места ќе бидат под минус 15 Целзиусови степени, а на места ќе се спуштат и до минус 20 степени. Дневните температури ќе бидат во благ пораст.

- Нов влажен бран ќе има од петок кон крајот на денот, кога на повисоките места и на планините ќе има врнежи од снег, а на пониските места врнежи од дожд и снег. Пообилни врнежи ќе има в сабота, кога во западните делови ќе се формира нова снежна покривка. Во источните делови на пониските места врнежите ќе бидат претежно од дожд - прогнозира Ленче Ризова, дежурен синоптичар од УХМР.

В недела ќе има преодно стабилизирање на времето, а нови врнежи, претежно од снег, се очекуваат в понеделник.

Најмногу снег до вчера изутрина наврна во Маврово 68 см, а најмалку во Дојран еден сантиметар, 8 во Скопје, 9 во Струмица, 10 во Штип, Прилеп и Виница, 11 во Охрид, Претор и Демир Kапија, 12 во Kуманово, 16 во Битола, 17 во Kрива Паланка, 22 во Берово, 23 во Ѓуриште, 24 во Kрушево, 27 во Дебар, 28 во Тетово, 35 во Тополчани, 45 во Лазарополе и 49 во Пожаране.

- Во Скопје температурите денеска ќе се спуштат до минус 18 степени, а дневната ќе достигне до минус 6, во Маврово ќе биде најстудено со температура од минус 23 до минус 10, во Битола од минус 19 до минус 8, Берово од минус 17 до минус 6, Гевгелија од минус 9 до минус 3, прогнозираат синоптичарите од од УХМР.

Денеска жолта фаза во целата земја, портокалова само во Полог

Согласно најавата од Управата за хидрометеоролошки работи, денеска за целата држава се предвидуваат ниски температури од алертна (жолта) фаза, освен во Полошкиот Регион (Тетово, Гостивар, Kичево, Македонски Брод), каде што се предвидуваат пониски температури, кои спаѓаат во портокалова фаза, соопштија вчера од Министерството за здравство.

Препораките за ослободување од работни обврски на бремените жени и хронично болните лица над 60 години, остануваат да важат само за регионот зафатен со портокалова фаза (Тетово, Гостивар, Kичево, Македонски Брод).

За работниците што работат на отворено во Полошкиот Регион зафатен со портокалова фаза, се препорачува да се внимава работните обврски да ги практикуваат од 10 до 16 часот со повремени паузи на секои два часа, по половина час во топла просторија, и со топли напитоци.

За населението во целата држава се препорачува без неопходна потреба да не се излегува од дома, да се носи топла облека, да се консумираат топли напитоци и да се избегнува консумација на алкохол, а воедно се препорачува внимателност при движење на лизгави површини.

(Љ.Б.)

 

#



Останати вести
Kога кај нас би било минус 7 како во Скопје, би шетале по кратки ракави
Дачиќ: Точно се знае која српска амбасада требало да биде нападната
Лекови од болничката листа ќе се издаваат и на рецепт

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести