период од-до
  -  
ЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Отворена
Датум: 20.04.2017, 18:26

ВЕНТИЛАТОР

Ако пишува „не фаќај“, тогаш не фаќај

Мртовечка глава ставена на знак значи опасност за животот - потенцијална смрт. Значи, не пипај тука, не се доближувај. Знакот што личи на гром значи опасност од струен удар - ако фатиш следува сигурна смрт. Црвено светло на семафор значи не поминувај, а предупредувањето „пази отров“ значи дека тоа чудо треба да е подалеку барем од дофатот на децата.

Kога грми не се криј под дрво и не користи мобилен телефон, не оди по пруга со слушалки на ушите, не типкај на телефонот додека поминуваш улица, не пали стрништа, користи само осигурени плински боци, чисти ги оџаците еднаш годишно, врзи се со појасот во автомобилот, при земјотрес не трчај по скали... Нам овие предупредувања изгледа не ни значат ништо, како да се небитни муабети за правилниците за извоз на краставици во ЕУ наместо правила за чување на голиот живот. Се дистанциравме ли од повторувањето на овие драгоцени правила затоа што еволуиравме во бесмртни суштества?

Смртни сме и наивни. Петнаесетгодишно дете деновиве почина од последиците од струен удар откако фатило кабел под напон, качен на вагон во депо на „Македонски железници“ во населбата Kисела Вода во Скопје. Истиот ден имало уште два такви изолирани инциденти на вагоните, за среќа со сочувани детски животи, но со големи трауми. Децата од Kисела Вода во последно време често се качувале на вагоните и си правеле селфија, оти тоа е во мода. Тие не се виновни што трагаат по авантура и интересно поминато време, впрочем, младоста е за тоа, но мртовечката глава и громчињата на знаците за опасност едноставно - морале да ги почитуваат. Тоа морало да им биде врежано во главите, а требало да им го врежат дома и на училиште.

Зошто служи воспитанието и образованието ако не н` научува за животот и како да си го сочуваме? По трагичниот настан во Kисела Вода одговорни лица од образованието коментираа дека децата на училиште доволно учат за темата здравје и дека таа е интегрирана во речиси сите предмети, односно во биологија, животни вештини и природни науки. А не коментираа што е со темата општа безбедност и колку децата учат за тоа како да се заштитат во различни опасни ситуации, дома, надвор...

Вниманието на личната безбедност во секое време и на секое место е една од поважните работи за кои сме малку освестени. Со едно свртување околу нас е јасно колку малку се чуваме, а колку многу сме ранливи. Жално е што се случија трагедии какви што паметиме, но уште пожално е ако не извлекуваме поука од нив и ако не ги промислиме за да не се повторат.

Детето што загина од невнимание на вагонот само потсетува на други несреќи кога од непазење на личната сигурност се случиле големи трагедии. Завчера младо момче загина во бизарна сообраќајна несреќа на влезот во Велес - среќата била наклонета затоа што превртениот камион застанал токму со кабината над амбисот, но возачот за жал испаднал откако вратата му се отворила, а тој не бил врзан со појас.

Минатиот месец четиригодишно дете беше растргнато од селски овчарски кучиња - додека било само, среде нива! Никој не ги брани кучињата, тие досега требаше да бидат евтаназирани оти убиле човек - но, моментот дека мало четиригодишно дете оди само низ нива во кичевското село Бачишта, каде што претходно имало повеќе пријави за напади од глутници, доволно зборува.

Kривично ќе одговара мајката, чија четиригодишна ќерка минатата есен падна од седмиот кат од зграда од Аеродром откако накратко ја оставила сама дома додека отишла да плати сметки. Мајката само наивно мислела дека с` ќе биде во ред и ништо нема да се случи „за секунда“. За среќа, девојчето е живо, а, за жал, примерот повторно потврди дека секундата е предолга кога се работи за мали деца. Внимателност со нив никогаш не е премногу.

Зарем е можно млади луѓе да не знаат дека не се седи во запален автомобил во гаража, вџашено се прашуваше јавноста по страшната трагедија од јануари 2015 година во Припор кога момче и девојка ги најдоа задушени од јаглерод моноксид? Тоа е општо познато, се знае дека вклучен автомобилски мотор во гаража ќе те убие, впрочем, така се вршат самоубиства - се прашувавме сите како можеле да ја превидат опасноста несреќните вљубени скопјани кои така трагично ги завршија своите млади животи на 23-годишна возраст?

Јавноста помни дека дете во Тетовско се отру од растворен пестицид во чаша, кој неговите домашни го оставиле в соба, а тоа помислило дека е вода. Лекар на гинекологија во Чаир пред пет години загина од струен удар од вклучен бојлер додека се туширал на работното место. Лекарка анестезиолог од Битола во 2007 година почина од изгорениците кои ги добила на работното место откако додека одмарала покрај греалка од невнимание и се запалила облеката. Лани дедо (82) од виничко Јакимово го запалил стрништето на нивата, но огнот заради ветер се раширил кон лозјето, а тој во обид да го изгасне пожарот што го предизвикал, се задушил на лице место од прегустиот чад. Татко и син лани починаа од отровни печурки, минувач загина покрај градилиште каде што се уриваше објект, деца прерано заминаа од паднати метални голови и тешки капии врз нив...

Животот е, наводно, еден и за секој од нас највредното нешто што го има. Сопственото постоење мора да си го чуваме прво самите ние, но и нашиот државен систем мора да се сети на претходниот систем кога многу повеќе се обрнуваше внимание на општата и на личната безбедност. Треба да се мисли, постојано, на безбедноста - дома, на работното место, на задолжителното носење на заштитната опрема при работа, на внимателното ракување со апарати и машини, на движењето во природа при разни временски услови со соодветна опрема. Треба да се знае и да се повторува, во секое време секој да знае да даде прва медицинска помош, да имобилизира скршеница, да помогне при струен удар или да запре крвавење (паметиме и случај кога штипјанец искрвави до смрт од исеченица во ногата при тепачка, а ќе беше спасен ако оние околу него точно му ја подврзаа вената). Но, особено треба да знаеме како да се спасуваме во елементарни непогоди за да немаме, како лани на 11 септември, по стотина скршеници на луѓе што јурат низ скали надолу при земјотрес од 5,2 степени по Рихтер, кога токму тоа – не треба да го прават.

Повторувањето е мајка на знаењето, а ние с` сме заборавиле околу личната безбедност и заштита, оти ниту учиме ниту повторуваме. Само сообраќајот погледнете го и ќе биде доволно јасно дека ние ептен сме си умислиле дека сме бесмртни.

И да има минимална шанса, злото лесно ќе се случи. Несреќите отсекогаш биле и ќе бидат, но нашата свест за нивната префригана природа мора да е будна - за да не им дава шанса.

Соња ХРИСТОВСКА УГРИНОВСКА

#



Останати вести
Агентот Тесла ќе лета за Вашингтон како личен багаж на Бејли
Зошто се бара двојазичност?

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести