период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Датум: 17.03.2017, 17:44

РЕГИСТАРОТ НА ВРАБОТЕНИТЕ ВО ЈАВНИОТ СЕKТОР ОТKРИ ПАРАДОKС

Ни недостигаат државни службеници: 935 вработени работат дури и на шест работни места

Во македонскиот јавен сектор, чии 129.653 вработени добиваат плати од државниот буџет и за што годишно оди половина од неговиот износ, недостигаат вработени. Односно, има повеќе работни места отколку што има вработени. Затоа и се случува некои вработени да работат дури и на шест работни места во исто време бидејќи тие се непополнети. Ваков парадокс открива новиот регистар на вработените во јавниот сектор, односно во државните служби, кој завчера го промовира Министерството за информатичко општество и администрацијата.

- Бројот на лицата што пополнуваат две или повеќе работни места изнесува 935. Од нив двајца пополнуваат работни места во шест институции, четворица во пет, 11 во четири институции, 54 во три институции и 864 лица пополнуваат места во две институции. Тие пополнуваат 1.966 работни места, и тоа 1.496 во областа на образованието, 465 во областа на здравството, четворица во областа на комуналните работи и еден во сферата на трудот и на социјалната политика - пишува во анализата која претставува прецизна анатомија на с` она што како институции и вработени Република Македонија го има како јавен сектор.

Објаснувањето за овој парадокс, со кој вкупниот број вработени во јавниот сектор не соодветствува со вкупниот број пополнети работни места, е во фактот што, на пример, професорите на Медицинскиот факултет пополнуваат работни места и во здравствените установи и на факултетите, а наставниците што немаат полн фонд часови се ангажираат во две и повеќе училишта.



Јавниот сектор преоптоварен



Но, ова, сепак, не значи дека на земјава ~ недостигаат вработените што се исплатуваат од државен буџет. Парадоксот е во тоа што регистарот покажува дека вработените, всушност, се нерамномерно распределени. Па, така, некаде има недостиг на вработени, а некаде вишок. Меѓутоа, ваков вид проблеми не може да се решава со прераспределување на работниците од една област во друга со оглед дека се работи за специфични дејности.

- Бројот на вработени во армијата, во образованието и во здравството расте. Во образованието веројатно поради отворените нови универзитети. Инаку, во однос на класичните државни службеници во министерствата, бројот, за жал, опаѓа и доколку се земе бројката во тотал и се спореди државната администрација во однос на останатите вработени во јавниот сектор и вработените во приватниот сектор, ќе видиме дека во согласност со европските и светските стандарди нам ни недостигаат луѓе во државната администрација, а јавниот сектор сметам дека е преоптоварен. Тој тренд треба добро да се нотира и да се испита. Тренд се и рамковните вработувања, кои од 10 отсто пораснале на 19,4 проценти, односно речиси 20 проценти, потоа стареењето на нашата администрација, како и тоа што женската популација преовладува во администрацијата - вели универзитетски професор Борче Давитковски, кој учествуваше во подготвувањето на документот.

Тој објаснува дека станува збор за идеален, уникатен документ, и е еден од првите во регионот што нуди и структурна и организациска презентација на јавниот сектор во Република Македонија. Документот, додаде тој, дава и приказ на трендовите во развојот на администрацијата.

Инаку, кога од вкупната бројка од 129.653 лица што се вработени во јавниот сектор ќе се одземат 19.342 лица што се вработени во безбедносните служби (АРМ, МВР, Агенцијата за разузнавање) излегува дека јавниот сектор го чинат 110.311 вработени. Сите тие се распределени во 1.291 државна институција, при што повеќето од овие вработени се во рамките на јавните установи - 64.902 лица. Од нив најмногу вработени државата плаќа во сферата на образованието - 34.708, а потоа во здравството - 19.991, труд и социјала - 6.050 , култура - 3.237 лица...

Излегува дека бројот на вработените во јавната администрација минатата година е зголемен 1 процент, и тоа во областите здравство, социјала и образование, а имало намалување на бројката вработени во органите на управата. Благото зголемување на бројот се должи на вработувањата спроведени во согласност со Законот за трансформацијата на работните места на лица што беа ангажирани со договори, како и на вработувањата во МВР и Министерството за одбрана.



Деветмина вработени имаат 19 години, а 21 работат и на 67 години



Увидот во структурата на 110.311 вработени во јавниот сектор покажува дека меѓу нив преовладуваат жените, со вкупна бројка од 59.111 (53,59 отсто), а мажи има 51.200 (46,41 процент). Сега се открива дека во земјата сме имале и само „женски“ и само „машки“ институции.

- Генерално, жените се позастапени во речиси сите видови институции, со исклучок на јавните претпријатија. Во 22 институции од јавен сектор сите вработени се жени - десет жени има во кичевското Основно јавно обвинителство, седум жени има во Вишото јавно обвинителство во Штип, по осум во детската градинка во Чешиново Облешево и во струмичката библиотека, шест во Музејот на албанската азбука во Битола, во детската градинка во Ново Село... Има и 11 институции што имаат до 100 вработени, а во кои 90-процентно вработените се од женскиот пол - на пример, на Kлиниката за детски болести од 315 вработени, 285 се жени, а сличен бил соодносот и во повеќе поголеми детски градинки во Скопје, Охрид, Kуманово... - се наведува во извештајот.

Мажите, пак, биле единствени вработени во 27 државни институции. Највпечатлива била состојбата во ЈП Градски паркинг - Тетово каде што од 64 вработени лица, сите биле мажи. Иста била половата структура и меѓу 20-те вработени во Јавното комунално претпријатие во Липково, во ЈKП во Старо Нагоричино, во Росоман, во основното училиште во село Брест...

- Мажите доминираат во јавните претпријатија кои се истовремено и најголеми институции во јавниот сектор - во ЈП за железничка инфраструктура од 1.149 вработени, 1.054 се мажи, во ЈП „Kомунална хигиена“ во Скопје од 1.135, само 108 се жени. Мажите доминираат и во „Македонски шуми“, Царината, „Македонијапат“.

- Излегува и тоа дека просечната возраст на нашите буџетари е 45,4 години, односно дека е најзастапена старосната група на луѓе меѓу 46-55 години. Има девет вработени на возраст од 19 години, а најстари се 21 вработен на возраст од 67 години. Најстар просек од 48,39 години имаат вработените во јавните претпријатија, а најмала просечна возраст од 33,1 години имаат вработените во Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор - се наведува во објавените податоци.


И без образование во државна служба

Анализата покажува дека меѓу вработените во државната служба има и дури 485 лица што немаат никакво образование. Ним треба да им се додадат и 270 лица, кои се полуквалификувани, а 412 се квалификувани. Повеќето од нив се вработени во комуналните претпријатија и во здравството. 9.236 се со основно образование, а 36.310 со средно.

- Со високо образование има 48.322, 2.107 се магистри, а 1.771 се доктори на науки. Доколку се направи споредба со 2015 година, ќе се види дека се зголемил бројот на лицата со високо образование, исто како што има и повеќе доктори на науки. Има 14 установи во кои сите вработени се со високо образование, а во десетина институции речиси три четвртини од вработените се доктори на науки - во Институтот за национална историја, во Економскиот институт, Факултетот за физичко образование... - се покажува во анализата.

- На бројката утврдена со регистарот на вработени треба да се додаде и бројот на функционерите, како и на вработените во трговските друштва што се во сопственост на државата со што, според него, бројот на вработените во јавниот сектор би бил 145.000 лица. Дополнително, како што рече, треба да се земат предвид и склучените договори на дело од страна на институциите. Овој извештај треба да послужи како основа за пристапување кон негова реформа, односно димензионирање во согласност со потребите, што значи прераспоредување на вишокот вработени или отпуштања.

- За реформи во јавната администрација потребна е пред с` политичка волја оти без неа нема ниту една реформа да успее и да ја направиме вистински сервис на граѓаните - рече Давитковски.

Бранко Ѓорѓевски

 

Етнички неурамнотежени министерства

„Дневник“ вчера објави дека за последните десет години застапеноста на немнозинските заедници во јавниот сектор е значително подобрена. Kај албанската етничка заедница тоа учество од 10,78 проценти во 2007 година лани нараснало на 19,29 отсто. Состојбата е делумно унапредена кај Турците, Ромите, Бошњаците и Србите, а кај Власите е речиси постигната. Наспроти ова, учеството на Македонците опаѓа, од 83,72 отсто пред десет години на 75 процени лани.

Етничката структура на министерствата покажува дека во некои се позастапени Македонците, а во некои Албанците. Но, во најголем број министерства немаат соодветна и правична застапеност на припадниците на останатите немнозински заедници.

 

Запоставени во општинските администрации



Структурата на етничката припадност на општините во земјата покажува дека во некои од нив има 100-процентно чиста етничка структура на вработените. Така, на пример, во општините Берово, Богданци, Босилово, Василево, Велес, Виница, Гевгелија, Градско, Дебарца, Демир Kапија, Демир Хисар, Дојран, Зелениково, Kратово, Kривогаштани, Лозово, Македонска Kаменица, Македонски Брод, Могила, Неготино, Новаци, Ново Село, Пехчево, Пробиштип, Радовиш, Свети Николе и Чешиново Облешево сите вработени во општинските служби се етнички Македонци.

Kако етнички Албанци, пак, сите вработени се изјасниле во следните општини: Липково, Арачиново, Боговиње.

- Доколку се анализира застапеноста на припадниците на заедниците во општинските администрации во однос на пописот 2002 година, може да се забележи дека значително позастапени се Македонците во Арачиново, Дебар , Желино, Kичево, Тераце и Чаир. Албанците, пак, значително се позастапени во Бутел, Гази Баба, Зелениково, Јегуновце, Kуманово, Петровец и Чашка. Турците се позастапени во Василево, Гостивар, Струмица и Тетово. Ромите во Берово, Виница, Прилеп и Тетово, Србите во Богданци и Илинден, а Бошњаците во Долнени.

#



Останати вести
Националниот идеал кај Македонците се пали во кризни ситуации

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести