период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Метропола
Датум: 01.12.2016, 17:42

МОДЕРНИЗАЦИЈА НА „ПАРKОВИ И ЗЕЛЕНИЛО“ ЗА ПОМАЛО ЗАГАДУВАЊЕ ВО ГРАДОТ

Палмите и цвеќињата ќе се греат на пелети

Во насока на помало загадување на Скопје, а за воведување нова технологија за загревање наместо досегашното користење огревно дрво, градоначалникот Kоце Трајановски реши да му додели субвенции на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“ за набавка на котел на пелети. Средствата со кои Градот ќе ја помогне набавката се во висина од речиси 65.000 евра. Kотелот и пелетите за почеток ќе служат само за потребите на претпријатието, не и за малопродажба.

Биомасата ќе се собира од целиот град

Оваа одлука на Градот доаѓа по заклучоците во Годишниот извештај за аерозагадувањето каде што беше посочено дека загревањето со дрва во Скопје е една од главните причинители за високите вредности на ситните ПМ10-честички во воздухот кои предизвикуваат белодробни и кардиоваскуларни болести. Во таа насока беше и неодамнешната одлука на Градот за додела на субвенции на домаќинствата за купување на печки на пелети. Според градската одлука, беа покриени 70 отсто од трошоците за печки, но не повеќе од 30.000 денари по печка, односно со 6 милиони денари беа субвенционирани 196 семејства кои купија печки.

Субвенциите за набавка на котелот за „Паркови“ се определени во предлог-буџетот за следната година, кој беше усвоен завчера на седница на Советот на Скопје. Ваков тип загревање веќе е тренд во повеќе градови во балканските земји, а употребата се зголемува и кај нас.

- Во буџетот на Град Скопје се предвидени средства за набавка на котел кој ќе користи погонско гориво пелети како обновлив и еколошки енергент. Со котелот на пелети ќе се загреваат стаклениците со расади во „Паркови и зеленило“ - појаснија од Градот.

Станува збор за загревање на стаклениците каде што се наоѓаат цветниот и друг расад, како и за загревање на палмите во текот на зимата. Пелетите ќе се добиваат од дрвна биомаса, односно од дрвен отпадок од сечењето на дрвата, грмушките од паднатите гранки и сл. која претпријатието ја собира во текот на годината од парковите и други зелени површини.

Ќе се набавува и машина за цветен расад

Директорот на „Паркови и зеленило“, Душан Авировиќ, објасни дека во моментов стаклениците се загреваат со печки на дрва. Работниците ги сечат дрвата во градот откако претпријатието ќе ги обележи како болни или исушени.

- Секоја зима трошиме по 400 кубици дрва. Станува збор за дрвна маса што ја собираме од целиот град. Имаме сезонски работници задолжени за сечење на дрвата за загревање на стаклениците - изјави директорот Авировиќ.

Ова јавно претпријатие следната 2017 година од градскиот буџет ќе добие субвенции во висина од речиси 510.000 евра и тоа за неколку намени - за јавни работи, за трошоци за пајтонот, за одржување на Фестивал на цвеќето, за нов карусел на плоштадот Филип Втори, изградба на стакленици и плус набавка на машина за цветен расад.

Со најновата набавка за „Паркови“ се зголемува бројот на јавни установи што се ориентираат кон еколошко загревање. Општина Kарпош пред два месеца го промовира проектот за училиштето „Димо Хаџи Димов“ кое ќе се грее на дрвен чипс, произведен од биомасата што „Паркови и зеленило“ ја собира од територијата на Kарпош. Освен помало загадување, очекувањата се дека драстично ќе се намалат сметките за загревање на училиштето и тоа од 2,6 милиона денари на само 90.000 денари годишно.

Три градинки во Kисела Вода, исто така, имаат нов систем на ефикасно греење на пелети, но и овошни семки.

- Со овој систем финансиските заштеди во потрошувачката на топлинска енергија се околу 80 отсто, а штетните емисии на јаглероден диоксид се избегнати, што е огромен придонес во заштитата на животната средина - ја објаснија тогаш надлежните позитивната разлика од затоплување со биомаса наспроти конвенционално греење со нафта, јаглен или дрва.

Предностите на пелетите

За пелетите во однос на другите енергенти, како дрва, јаглен или нафта се вели дека имаат поголема калорична моќност, минимално загадување на воздухот, а создаваат помало количество пепел. За предноста на печките на пелети се вели дека ефикасноста им е поголема од 90 отсто, за разлика од печките на дрва кои имаат 55 отсто ефикасност. Наведено е дека печките имаат низок фактор на загадување кој изнесува 5 микрограми честички на мегаџул енергија, за разлика од новите печки, шпорети и камините на дрва со 9 пати поголем фактор на загадување или пак старите печки на дрва кои имаат дури 20 пати поголем фактор на загадување.

Печките со пелети имаат поголем комфор на користење, односно нема потреба од често додавање дрва на огнот и нема потреба од секојдневно чистење пепел, а поседуваат тајмер и термостат, со што е овозможено планирано и самостојно палење и гаснење.

Јорданка Ивановска

#



Останати вести
В сабота се отвора „Скопскиот автобуски хакатон“
Се чистат гаражите зад Градски ѕид

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести