период од-до
  -  
МакедонијаЕкономијаЕврорамаСветХроникаМетрополаКултураСпортОмнибусАктуелноОтворенаСценаВо фокусот
Култура
Датум: 20.03.2017, 16:27

ДЕТСKИ ЛИKОВНИ ТАЛЕНТИ ВО БИТОЛА

Малиот Наум трета година едноподруго собира меѓународни награди за цртање

Збирката со домашни и меѓународни признанија, дипломи и награди на 12-годишниот битолчанец Наум Михајловски продолжува да се зголемува. И годинава тој е меѓу најнаградуваните членови на детското ликовно студио „Св. Kирил и Методиј“ во Битола на меѓународни детски ликовни конкурси. Добитник е на два златни медала на ликовни натпревари во Романија и во Индија, како и на две специјални награди од Индија и една од Бугарија. Неговиот цртеж „Улица од старата чаршија“ не само што ја доби најпрестижната награда на интернационалниот конкурс во Бугарија, туку влезе и во каталогот со неколку десетици детски цртежи од целиот свет.

Сонува да стане познат ликовен уметник

Ова е трета година по ред како на адреса на талентираниот Михајловски стигнуваат награди од странство. Лани тој беше добитник на четири награди, а годината пред тоа во неговите раце завршија дури девет признанија од странски ликовни натпревари и конкурси.

При врачувањето на годинашните награди, Михајловски изјави дека негов сон е да стане ликовен уметник познат во светот.

- Сакам да учествувам на повеќе конкурси, понекогаш ми е жал што не учествуваме на некои места каде што ретко излегуваат конкурси. Почесто треба да доаѓаме во ликовното студио за да се истакнуваме и да напредуваме. Тоа е патот да станеме големи уметници. Јас сакам да продолжам да цртам. Наградите што ги добиваме ни покажуваат дека напредуваме во оваа дејност и треба да се истакнеме не само дома, туку и низ целиот свет - рече Михајловски.

Меѓу битолчани и кај ликовните педагози е познат како детето со златната рака поради талентот што го поседува за цртање. За него цртањето архитектура е лесно како песна, а сега, иако с` уште мал, ги прави првите чекори и во областа на графиката.

- Цртам уште од најрана возраст, кога почнав, имав само две години. Цртав градби најпрво, а најмногу сакав да цртам манастири и цркви. Тие најмногу ме инспирираа во уметноста. По неколку години почнав и потешки работи да цртам, а сега почнувам и со графика - вели Михајловски.

Први чекори во графиката

Вчера во детското ликовно студио „Св. Kирил и Методиј“ беа доделени околу 25 награди на млади ликовни таленти од Битола, кои ги освоиле со цртежи на меѓународни конкурси во Португалија, Индија, Романија и во други држави.

Основачот на ова ликовно студио, каде што се одржува и „Монмартр“, Kоста Хаџиантоновски, ги соопшти и наградите за годинешното 35. издание на Светската изложба, која ќе биде отворена на 23 мај годинава, во Битола. На конкурсот пристигнаа 10.000 цртежи од 275 училишта од 28 земји во светот.

-Добитник на Гран при трет пат е уметничкото училиште „Спишка Бела“ од Словачка. Добитник на наградата „Богомил Kарлаварис“ е ликовниот педагог Његош Арнаут од Република Српска. Меѓународното стручно жири додели 23 награди за најдобра колекција „Златна четка“, како и 112 награди „Златна палета“ за најдобри поединечни остварувања - рече Хаџиантоновски.

Заедно со многубројните дипломи на овој конкурс за светската изложба ќе бидат доделени 367 награди и признанија.

- Ова се дела бисери, кои остануваат трајна сопственост на ликовното студио. За Светската ликовна изложба 35 години добиваме цртежи од повеќе земји. Преку 600.000 цртежи пристигнале за овие 35 години. Вкупно 826 работи ќе бидат изложени на изложбата што се одржува редовно во рамките на ликовната колонија „Монмартр“ – рече Хаџиантоновски.

Жанета Здравковска

#



Останати вести
„Плати со поезија“ во Скопје и во Велес за Светскиот ден на поезијата
„Авантурите на Аладин“, прв детски спектакл во МНТ

Оставете коментар за објавената вест
Од кого:
Коментар:
*Внесете го кодот во празното поле
ASP CAPTCHA Generator
Најнови вести